Уништен мебел, електрични уреди, паркети, гардероби, дестабилизирани конструкции на куќите, поплавени посеви кои ќе изгнијат… сето ова е само дел од големите штети кои изминативе денови ги трпат граѓаните во поплавените подрачја во Македонија. Кичево, Гостивар, Тетово и скопски Сарај се најпогодени општини во кои се поплавени неколку стотици семејства и во чии домови надојдената вода имаше височина и до два метра. Во таква ситуација, станува јасно дека штетите во погодените домаќинства се големи бидејќи тешко дека некој дел од домашните работи останал неоштетен. Лесно може да се пресмета дека штетата што ја доживеало секое семејство изнесува и по неколку илјади евра. Оттаму, се поставува прашањето како тие домаќинства повторно да застанат на нозе, како да се вратат во претходните живеалишта и да продолжат да живеат како претходно?
Во ситуација кога семејните буџети се истенчени, јасно е дека треба да им се помогне на постраданите. Но, искуствата со претходните елементарни непогоди што се случувале во земјава покажуваат дека помошта што им се дава на луѓето кои загубиле многу е и мала и на неа се чека со години! Прашањето е дали такво непријатно нешто ќе доживеат и новопоплавените и настраданите семејства. Односно, дека ќе мораат да чекаат со години на некаква парична помош и за која е прашање за колку време ќе им биде врачена…
Предупредување од битолските обесштетувања од по 800 денари
Надлежните локални власти од кичевската, гостиварска, тетовската и од општина Сарај, сега зафатени со испумпувањето на насобраните води и чистењето на натрупаните отпадоци, во претстојните денови ќе мора да формираат и соодветни комисии за процена на штетите кај граѓаните и кај правните лица. Тоа е вообичаена процедура што се прави врз Методологија за процена на штети од природни непогоди и други несреќи, донесена од страна на Владата, во 2021 година. На крајот, комисиите подготвуваат детални списоци со проценетите штети кои би требало да им бидат компензирани на граѓаните. Но, токму тогаш почнуваат нови маки за постраданите граѓани, кои не добиваат доволно пари како обесштетување, а и тоа што ќе го добијат не е набрзо.
Примерот со околу 2.435 правни и физички лица кои неодамна, во просек, добија по околу 750 денари како обесштетување за штетите што им ги предизвикал земјотресот од 2022 година е доволно предупредувачки. А така излезе бидејќи Владата, во октомври минатата година, решила да им исплати обесштетување во висина од само 5 проценти од вкупно проценетата штета од 35.690.926 денари или 580.000 евра. Поточно, за сите оштетени на сметката на битолската општина биле префрлени 1.784.546 или околу 29.000 евра, кои потоа им се поделени на граѓаните по принципот „5 проценти од проценетото оштетување“.
– 120 денари ми дадоа, а куќата ми испука цела. Поарно ич да не ни даваа… Ми исплатија 171 денар, а имав штета од 1.000 евра. Сега ми дадоа 2,5 евра – тоа е, ќе пијам едно кафе… Со овие пари една вреќа цемент не може да се купи… – беа иронични коментари на граѓаните по социјални мрежи.
Истовремено, членовите на Комисијата за процени на штети добија надомест од по неколку илјади евра бидејќи секој предмет предвидуваше надомест од по неколку илјади евра.
Габриела Илиевска, поранешна претседателка на Советот на општина Битола, за весникот ВЕЧЕР оценува дека тоа е крајно нефер.
– Граѓаните што беа погодени имаа потреба од итна финансиска помош бидејќи е ризично да се живее во оштетените и расклатените куќи. Помош не добија веднаш и мораа сами да инвестираат во поправки. Сега добија смешни суми како отштета. Неприфатливо е обесштетувањето да биде само 5 проценти. Тие требаше да бидат целосно обесштетени колку што и реално изнесуваше штетата, и тоа брзо, а не да чекаат четири години – нагласи Илиевска.
Во 2022 година, тогашната Влада донесе одлука со која ги обесштети бројните земјоделски семејства од 35 општини со 10 проценти од проценетата штета, по штетите што ги предизвикаа елементарните непогоди. Таков процент од 5 или 10 отсто се применуваше и во повеќе други случаи кога имаше пострадани домаќинства од пожари, поплави, земјотреси… а тоа го повлекува прашањето зошто толку малку?
Празни општински буџети за справување со непогодите
Во државната Дирекција за заштита и спасување ни објаснуваат дека долгото чекање и ниските суми на обесштетувањето се должат на лошото функционирање на локалните власти.
– Општините се оние што се најнадлежни кога е во прашање справувањето со последиците од елементарните непогоди. Секоја општина треба да има годишен план и процена за елементарни непогоди кои можат да се случат на нивните подрачја. Треба да имаат и план за заштита и спасување, но и посебен годишен буџет од кој, по елементарната непогода, ќе ги обесштетуваат погодените домаќинства. Треба да имаат и свои сили за помош на настраданите. Значи, штетите да им ги надоместуваат на граѓаните од свој буџет. Но, во реалноста тоа не се случува. Пред четири години, правевме контрола дали 80 општини го имаат тоа и излезе дека половина од нив воопшто немаат. Оние што и имале некакви буџети за тоа, ги пренаменувале парите за нешто друго, не ги чувале за „Не дај Боже“ – ни објаснуваат во ДЗС.
Оттаму, кога ќе се случат ваквите елементарни непогоди, општините се снаоѓаат прво како да им помогнат на постраданите граѓани, а потоа формираат комисии за процена на штетите.
– Тие комисии си прават процени, списоци со штети и слично… Но, подоцна, кога ќе се види дека во општинските буџети нема пари за надомест на штета на постраданите, тогаш списоците се испраќаат до Владата за да таа изврши исплата на пари како обесштетување. По принципот „ние немаме пари, помогнете ни“. А Владата, според нашите прописи, воопшто не е обврзана за исплата на вакви обесштетувања, туку општините. Но, Владата најчесто ја прифаќа таквата обврска за да, колку-толку, им се помогне на луѓето. И, на крајот, на некоја владина седница се носи одлука да постраданите граѓани да им се исплатат 5 или 10 проценти од причинетата штета. А тоа воопшто не е доволно, малку е, и предизвикува незадоволство од граѓаните и во јавноста – ни наведуваат во Дирекцијата за заштита и спасување.
Какви процени на штети и колку време ќе се чека на обесштетувањата на постраданите од поплавите во неколку општини, останува да се види. Не е тешко да се претпостави дека Владата повторно ќе биде адреса за исплата. Но, што ќе можат да санираат граѓаните со толку малку пари?
(рамка)
Н: Методологијата за процени на штети бара поголем надомест
Методологијата за процени на штети од елементарни непогоди, донесена пред пет години, предвидува да се проценуваат штетите на основни средства – градежни објекти, предмети и добра во домаќинства, насади, стада, патнички возила…
– Штетата на материјални средства и други добра кои се уништени или оштетени се изразува во паричен износ потребен за нивна поправка или доведување во првобитна состојба. За секое оштетено средство и материјално добро се изработува пресметка за трошоците потребни за доведување на средството во првобитната состојба, односно, во состојба во која било пред настанувањето на оштетувањето. Предвид се земаат цените кои се важечки на подрачјето на општината – пишува во Методологијата.












