Владата почна да го реализира ветувањето за нови електрични автобуси за јавниот превоз во Скопје, но и во другите градови во Македонија. Министерството за транспорт вчера го распиша јавниот оглас за набавка на автобуси за превоз и станици за полнење. Според тендерската документација станува збор за 120 електрични автобуси со капацитет за 8 + 1 патници, со маса поголема од пет тони. Освен тоа, заедно со автобусите се предвидува да се набават и 60 станици за полнење на електричните автобуси со моќност од најмалку 150 КW. Проценетата вредност на набавката без ДДВ изнесува 2.345.338.983 денари
Владата почна да го реализира ветувањето за нови електрични автобуси за јавниот превоз во Скопје, но и во другите градови во Македонија.
Министерството за транспорт денеска го распиша јавниот оглас за набавка на автобуси за превоз и станици за полнење. Според тендерската документација станува збор за 120 електрични автобуси со капацитет за 8 + 1 патници, со маса поголема од пет тони.
Освен тоа, заедно со автобусите се предвидува да се набават и 60 станици за полнење на електричните автобуси со моќност од најмалку 150 КW. Проценетата вредност на набавката без ДДВ изнесува 2.345.338.983 денари.
Купувањето на автобусите и станиците за полнење ќе биде со одложено плаќање.
Како што е наведено во тендерот, договорот за јавна набавка ќе се додели со користење електронска аукција, со цел добивање нови цени коригирани надолу.
Доколку во постапката за јавна набавка остане само една прифатлива понуда, електронска аукција нема да се спроведе. Доколку, пак, две или повеќе понуди имаат иста цена, за најповолен понудувач ќе биде избран оној што прв ја поднел понудата.
Заинтересираните економски оператори понудите треба да ги достават најдоцна до 17.07.2025 година во 10:00 часот во Министерството за транспорт, кога и ќе се спроведе јавното отворање на понудите.
Склучениот договор со фирмата која ќе има најповолна понуда ќе биде во времетраење од 60 месеци, односно пет години.
Инаку, избраниот економски оператор е потребно да спроведе обука за управување со возилата и со станиците за полнење, потоа обука за безбедност и заштита при работа за предметната набавка. Воедно, тој треба да ги инсталира станиците за полнење до нивно користење, како и да обезбеди компатибилност помеѓу електричните автобуси и станиците за полнење. Економскиот оператор, исто така, е должен да достави динамичен план за испорака на предметната набавка заедно со понудата.
Најповолниот понудувач е должен и да обезбеди банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот во висина од 15% од вкупната вредност на склучениот договор во рок од пет работни дена по неговото склучување.
Премиерот Христијан Мицкоски ја најави набавката на електричните автобуси при крајот на ноември минатата година, од Белград, на Македонската вечер во рамки на саемот „Винска визија на Отворен Балкан“. Тогаш тој рече дека тие ќе бидат распределени не само во Скопје за ЈСП туку и за оние општини каде што има организиран јавен градски превоз по пропорцијата 80:40 или можеби 70:70 и оти со тоа драматично ќе се олесни и јавниот превоз во Скопје, но и во другите општини. Во однос на техничките спецификации, рече дека времетраењето на полнењето на автобусите ќе биде околу два и пол часа што ќе биде доволно за да сообраќаат 350 и 400 километри на дневно ниво. Во однос на условите на плаќање тој напомена дека автобусите и станиците за полнење ќе почнат да се отплаќаат во првата половина од 2028 година, на осум полугодишни рати, што ќе е во период од четири години или грејс-период од три години.
Пред седум месеци, Град Скопје му ги предаде на ЈСП шесте еколошки автобуси на компримиран природен гас, кои ги доби како донација од Европската Унија преку проектот „ЕУ за чист воздух“.
(А.П.)