Владата на Србија ја усвои уредбата за дополнителни барања за пласирање на пазарот производи со млечна компонента што содржат палмино масло, односно палмино масло и други растителни масла, со која се воведува јасно визуелно означување на овие производи, така што потрошувачите имаат прецизни информации за тоа што, всушност, купуваат, објавија српските медиуми.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Драган Гламочиќ, истакна дека ова е значаен чекор напред во заштитата на интересите на граѓаните и на домашното производство. Како што изјави тој, на пазарот има производи што изгледаат како сирење, павлака, млечен намаз, но, всушност, содржат растителни масти како што е палминото масло, односно палмината маст, додека потрошувачот често не е свесен дека купува производ што не содржи природна млечна маст.
– Со новата регулатива, воведуваме задолжително јасно етикетирање, така што никој нема да може да купи таков производ без да знае што, всушност, има во него – рече Гламочиќ и додаде дека не станува збор за маркетинг, ниту, пак, се доведува во прашање безбедноста на храната што ја купуваме во Србија, туку правото на граѓаните да бидат информирани и заштитени.
На секој производ што содржи палмино или друго растително масло или маст наместо млечна маст ќе мора да има јасна и истакната етикета на предната страна од пакувањето, која ќе се состои од два дела. На левата страна ќе има жолт триаголник, во чија внатрешност ќе има црвена линија што ги следи рабовите на триаголникот, а во средината – црвен извичник. На десната страна од триаголникот ќе има јасен текст на кирилица „Не е 100 проценти млечен производ – содржи палмино масло или други растителни масла“.
Етикетата мора да биде доволно голема, најмалку 10 милиметри во висина, за да не може потрошувачот да не ја види. За производите што не се спакувани како што се производите во витрините или во менијата во рестораните, етикетата ќе биде прикажана на полиците, ценовниците или до самиот производ, се додава во соопштението.
Секој потрошувач ќе има целосни информации дали купува сирење, павлака, намаз или друг производ што е целосно направен од млеко или производ во кој дел од млечната маст е заменет со растително масло. Во соопштението, исто така, се наведува дека досега многу од овие производи, со своите изглед, име или рекламирање, создавале впечаток дека се вистински млечни производи, иако не биле. На овој начин, граѓаните честопати несвесно плаќале за производ што бил нутритивно и квалитативно различен од она што го очекувале.
Гламочиќ нагласи дека оваа регулатива воведува ред, бидејќи потрошувачот има право да знае што јаде, додека домашните производители на млеко добиваат фер услови, така што нивниот вистински млечен производ не е потиснат од поевтините замени, кои често користат растителни масти само поради пониските трошоци за производство.