„Работите ќе ги изведува економскиот оператор ’Нет инвест груп’. Со започнување на активностите на санирање на музеите и опремата, конечно, по седум години одлагање, ќе се овозможи ставање во функција на музеите, со што, движното културно наследство пронајдено на скопското Кале ќе стане достапно за јавноста. Тоа, пак, е од витално значење за развој на туризмот, за промоција и за популаризација на скопската тврдина Кале“, посочуваат од Управата за заштита на културното наследство
Управата за заштита на културното наследство го потпиша договорот за завршување на двата музеја, од праисторискиот и од османлискиот период, на скопското Кале, со што овој локалитет се враќа во фокусот на заштитата.
Како што велат надлежните, со овој договор е предвидено целосна санација и адаптација на овие два објекта, со што, овој вреден простор, кој претставува симбол на градот, ќе биде збогатен со дополнителни содржини, кои ќе претставуваат сведоштво за континуитетот на животот во Скопје низ милениумите. Средствата за овој капитален проект се обезбедени од страна на Владата со ребалансот на Буџетот за 2025 година, а инвеститор е Управата за заштита на културно наследство.
„Работите ќе ги изведува економскиот оператор ’Нет инвест груп’, чија понуда од страна на комисијата за јавни набавки, беше избрана како најповолна согласно со Законот за јавни набавки. Со завршување на постапката за јавната набавка и потпишување на договорот за јавната набавка за услуги – одржување на објекти и сервисирање на опрема – скопско Кале, Музеј на праисторија и Музеј на отомански период, започнуваме со активности на санирање на музеите и опремата со што конечно, по седум години одлагање, ќе се овозможи ставање во функција на музеите, со што, движното културно наследство пронајдено на скопското Кале, конечно, ќе стане достапно за јавноста, што е од витално значење за развој на туризмот, за промоција и за популаризација на Скопската тврдина Кале, за која постои огромен интерес од страна на научните работници, медиуми, како и од страна на домашните и од странските посетители“, вели Весела Честоева, директор на Управата за заштита на културното наследство.
За весникот ВЕЧЕР, таа додаде: „Согласно со јавната набавка е склучен договорот на 12 месеци, но поради релативно малиот обем на работа, се надеваме дека ќе биде завршена во многу пократок рок. Економскиот оператор ќе биде воведен во работа наредната недела по доставување на банкарската гаранција“.
Со овој договор продолжуваат активностите за ревитализација на скопската тврдина, на која во јуни, по иницијатива на Заедниците на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Министерството за култура и Управата, беше спроведена акција за расчистување на просторот кој беше девастиран и обраснат со вегетација.
Тогаш Управата за заштита на културното наследство најави дека е изработен технички преглед со предмет – пресметка за санација на објектите планирани како музеј на праисторискиот и музеј на отоманскиот период, за кои посочија дека се потребни дополнителни осум милиони денари обезбедени со ребаланс на буџетот.
Инаку, според досегашните сознанија, просторот на кој се наоѓа денешната тврдина бил населен уште во времето на праисторијата, во 4. милениум пр. н. е. Оваа населба, заштитена со ѕидови, постоела некаде до 3 век пр. н. е., а најдени се остатоци од куќи полуземјанки. Некаде во 6 век, околу населбата бил подигнат нов ѕид, а куќите во внатрешноста биле градени од дрво. Градската населба „Скопје“, пак, првпат се споменува кон крајот на 9 век. Во времето на Самуиловото Царство, пак, било една од поважните стратегиски точки во државата, па и најстарите елементи на главниот градски ѕид се од тоа време. Во текот на 11 век биле изградени т. н. „киклопски ѕидови“, а зафати на градскиот ѕид биле вршени во времето на династијата на Комнените и во периодот од 13 до 14 век. За време на отоманското владеење, тврдината била запоставена и локалитетот бил иселен. Детален опис за нејзиниот изглед во текот на 17 век дал Евлија Челебија. Во текот на 19 век, на тврдината се наоѓале магацини, барутани, воена болница и затвор. Слична намена имала и во првата половина на 20 век до 1951 г., кога војската го напуштила Калето. Скопското Кале претрпело големи оштетувања со земјотресот од 1963 г., кога биле разурнати бедемите, одбранбените кули и зградите во склоп на тврдината, а неговата реконструкција била завршена со доградувањето на југозападниот бедем во септември 2010 година, кога е и осветлено. (Д. Т.)












