Новоназначениот директор на ЈП „Пазаришта“, Суад Зејнулаху, најави новини во функционирањето на претпријатието, кои, според него, ќе придонесат за финансиска стабилност, подобро искористување на капацитетите и за отворање нови пазарни содржини. Како клучни проекти тој ги истакна: отворањето автопазар, трансформацијата на реонскиот во цветен пазар и целосната регулација на тезгите на централниот пазар.
Новото раководство на ЈП „Пазаришта“ најави и активен пристап за финансиско заздравување, преку нови пазарни содржини и подобро управување со постојните ресурси.
Еден од главните проекти е отворањето автопазар во селото Долно Коњаре.
– Направивме истражување на пазарот и утврдивме дека постои голем интерес. Куманово е регионален центар и гравитираат и помалите општини. Важно е што ќе ги искористиме постојаните вработени, што значи дополнителен приход без зголемување на трошоците – вели Зејнулаху.
На автопазарот ќе може да се продаваат возила, мотоцикли, скутери, автоделови.
– Интересот е навистина голем. Секојдневно имаме најави од луѓе што прашуваат кога ќе се отвори автопазарот – изјави директорот.
Во однос на ценовникот, кој дел од советниците го оценија како висок, Зејнулаху остава простор за корекции.
Важен проект за менаџерскиот тим е трансформацијата на реонскиот пазар во центарот во цветен пазар. Таму има 18 дуќани, од кои во моментов се издадени само два.
– Неисплатливо е да одржуваме простор што е речиси празен. Нашата идеја е таму да има цветен пазар, како во европските метрополи. Локацијата е одлична и има голем паркинг-простор – објасни Зејнулаху.
Планирано е отстранување на оградата за да стане просторот поотворен и попристапен.
– Очекуваме овој простор да го користат цвеќари, декоратери и фирми што работат со украсување на настани. Тоа ќе донесе нов живот во тој дел од градот – нагласи додаде директорот.
И на зелениот пазар, како што кажа, ќе се воведе ред.
– Започнавме процес на регистрација на сите тезги. Даваме рок од 15 дена за склучување нови договори – изјави Зејнулаху.
Целта е модернизација и усогласување со европските стандарди. Интенцијата е да се создадат подобри услови, повеќе ред и воведување екотезги. Менаџерскиот тим ќе подготви и проекти за апликација за достапните фондови.












