Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, по посетата на скопското село Страчинце, каде што се сретна со жителите на ова населено место, кои протестираат против започнувањето со работа на каменоломот во нивната близина, изјави дека ќе им се одземе концесијата на каменоломот.

Ресорното министерство донело негативна одлука за барањето за отворање каменолом во регионот на Страчинце. Оваа одлука, како што изјави Меџити, е резултат на континуираната загриженост на жителите и анализите спроведени од надлежните институции за негативното влијание што би го имала ваквата активност, особено во услови на поплави, но и врз здравјето и животот на жителите.

– Ова е долгоочекувана вест за жителите на Страчинце, кои со години се загрижени за можните последици од каменоломот врз животната средина и нивните животи – изјави Меџити, додавајќи дека дозволата за работа била издадена пред неколку години од претходните влади.

Следниот чекор, според него, е конечно поништување на концесијата, што е предвидено да се разгледа на наредната седница на Владата. Оваа одлука официјално ќе го затвори оваа прашање и ќе ја врати правдата на страната на жителите. Дополнително, Меџити го истакна ангажманот за повторно пошумување на овој регион.

ИЗДВОЕНИ