Училиштето „Панајот Гиновски“ во Бутел 2 ќе се надградува. Договорот денеска го потпиша градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски.
Доградувањето на ООУ „Панајот Гиновски“ е дел од проектот за унапредување на основното образование (ПЕИП). Договорот предвидува доградба на училиштето на површина од 400 квадратни метри, со што ќе се добијат четири училници, два санитарни јазли, ходник и поврзување со постојниот објект.
– Локалната самоуправа, по 56 години, изврши реконструкција на фасадата и ќе преземе активности за реконструкција на училишната спортска сала. Со реализирањето на проектот во ООУ „Панајот Гиновски“, ќе обезбедат услови за транзиција од двосменска во едносменска организација на наставата – соопштија од Општина Бутел.
Во населеното место Бутел 2 се гради и нова детска градинка – капитален проект за подобрување на условите и за подигнување на квалитетот на згрижување и воспитување на најмладите жители.












