Европскиот парламент даде зелено светло за создавање онлајн платформа наречена „ЕУ – базен на таленти“, која ќе има цел да го олесни регрутирањето на работници од земји што не се членки на Унијата за вработување во секторите во блокот во кои има недостиг на работна сила.
Онлајн платформата, во која учеството на земјите членки ќе биде на доброволна основа, ќе ги поврзува компаниите основани во ЕУ што имаат слободни работни места со профилите на лицата од трети земји што бараат работа и живеат надвор од Унијата.
Целта на „Базенот на таленти“ е да го направи пазарот на трудот на ЕУ поконкурентен и да се справи со недостигот на работна сила. Платформата ќе обезбеди сеопфатни и соодветни информации за барателите на работа од трети земји за нивните права и за работните услови во ЕУ.
Лицата од трети земји што бараат работа ќе можат да креираат свои профили на платформата, во кои ќе наведат информации за своите вештини, квалификации, работно искуство и јазични вештини.
Оние странски државјани што ќе добијат работа во ЕУ преку оваа платформа, ќе мора да ги минат постојните национални процедури на земјите членки за аплицирање за дозволи за престој и работа.
За да се спречат злоупотреба и можна експлоатација на работниците од трети земји, платформата ќе нуди целосна транспарентност во однос на работодавците и нивното досегашно почитување на релевантното законодавство на ЕУ.
Договорената регулатива за формирање на платформата „ЕУ – базен на таленти“ сега треба да биде и официјално одобрена земјите членки во Советот на ЕУ и од Европскиот парламент, по што таа ќе стапи во сила.












