Од Општина Делчево соопштија дека проектот ќе се спроведува во пет фази и дека предвидува конзервација и реставрација на покривот, конзервација на внатрешните и на надворешните ѕидови, замена на дотраената столарија со столарија од трајни материјали и термопан стакло, конзервација и реставрација на партерот и на потпорните ѕидови со дренажа. – Како наследници на храбрите востаници, ние имаме обврска да го чуваме овој значаен објект на културата и да им ја раскажуваме неговата приказна на сите посетители на Разловци и на новите генерации. Не треба да заборавиме дека спомен-домот „Разловечко востание“ е значајно и уникатно архитектонско дело на архитектот, проф. д-р Ѓорѓи Константиновски, кој во 1980 ја освои првата награда за архитектонско решение на весникот „Борба“, на ниво на СФРЈ – истакна градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски
Националниот конзерваторски центар распиша тендер за избор на најповолен економски оператор за конзервација и реставрација на спомен-домот „Разловечко востание“ во селото Разловци.
Од Општина Делчево соопштија дека проектот ќе се спроведува во пет фази и дека предвидува конзервација и реставрација на покривот, конзервација на внатрешните и на надворешните ѕидови, замена на дотраената столарија со столарија од трајни материјали и термопан стакло, конзервација и реставрација на партерот и на потпорните ѕидови со дренажа.
На средбата на директорот на Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“, Златко Начовски, со градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, било заклучено дека реализацијата на овој капитален проект на културата во Делчево е од огромно значење, како што е и самото значење на Разловечкото востание, како прво организирано вооружено востание во предилинденскиот период, против Отоманската Империја во Македонија.
– Како наследници на храбрите востаници, ние имаме обврска да го чуваме овој значаен објект од културата и да им ја раскажуваме неговата приказна на сите посетители на Разловци и на новите генерации. Не треба да заборавиме дека спомен-домот „Разловечко востание“ е значајно и уникатно архитектонско дело на архитектот, проф. д-р Ѓорѓи Константиновски, кој во 1980 ја освои и првата награда за архитектонско решение на весникот „Борба“, на ниво на СФРЈ. На директорот Начовски му посакав успешна реализација на овој капитален проект и му порачувам максимално посветено и одговорно да се грижи и да ги промовира историското наследство и културното наследство во Делчево. Воедно, изразувам голема благодарност до Владата, Министерството за култура и Националниот конзерваторски центар, кои ги препознаа приоритетите за Разловци и на Делчево и инвестираа во реализацијата на оваа за значајна инвестиција во Делчево – истакна Гоцевски.
За директорот Начовски, реконструкцијата на овој значаен објект во селото Разловци подразбира доведување во оригиналната архитектонска форма проектирана од македонскиот прочуен архитект, Константиновски. Со тоа, конечно, селото Разловци, Општина Делчево и нашата држава добиваат мултифункционален репрезентативен објект, кој прилега на историската вредност на Разловечкото востание од 1876 година.
– Со новиот концепт за поврзување на културата и на туризмот, даваме нова енергија за одржлив развој на овие две јавни дејности во Општина Делчево. Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево веќе работи на нова структурирана годишна програма за поддршка и развој на културата и на туризмот во Делчево за 2026 година. Горди сме што можеме да најавиме интензивна соработка на нашата институција со градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, во интерес на подигање на нивото на културните вредности во јавниот живот во Делчево – нагласи Начовски.












