– Иако сечењето моментно е стопирано, штетата e веќе направена – планините се целосно оголени. Она што е скандалозно е фактот дека дури сега, откако целиот предел е уништен, од Скопје се испраќаат стручни тимови за испитување на земјиштето – постапка што требаше задолжително да се спроведе пред да се дозволи и едно дрво да биде исечено – реагираат жителите
Жителите на преспанското село Љубојно, кои цела недела протестираа заради масовно и прекумерно сечење на шумата, вчера информираа дека биле испратени стручни тимови за испитување на земјиштето, откако беше соголена планината, а тоа како што велат требало да се направи пред да почне сечењето на дрвата.
Ова се случува откако фирмата која ги изведуваше работите се повлече од теренот, а во неделата првиот пороен дожд направи голема штета за која зборуваа граѓаните.
– Иако сечењето моментно е стопирано, штетата e веќе направена – планините се целосно оголени. Она што е скандалозно е фактот дека дури сега, откако целиот предел е уништен, од Скопје се испраќаат стручни тимови за испитување на земјиштето – постапка што требаше задолжително да се спроведе пред да се дозволи и едно дрво да биде исечено – реагираат жителите.
Тие додаваат дека по само еден час врнежи, огромна количина вода се слеала кон селото и го зафатила просторот околу продавницата.
– Она што до вчера беше шумска почва што ја впиваше и задржуваше водата, денес е гол терен кој дозволува неконтролирано надоаѓање на порој. Ситуацијата е алармантна – со секое ново сечење ја губиме природната заштита, а наместо шума, добиваме поплави и ризик по безбедноста на луѓето – велат жителите.