Утре од 07:30 часот ќе започне статичко испитување на надземниот премин „Влајко“ (во населбата Влае), поради што ќе има времена измена на сообраќајниот режим, која ќе се реализира во две фази. Најпрво ќе се затвори дел од булеварот „Партизански одреди“, по принципот лента по лента, во насока исток – запад, поточно во насока кон населбата Ѓорче Петров. По завршување на првата фаза, ќе следува затворање на сообраќајот во насока запад – исток, (кон Центар), исто така по принципот лента по лента.
Од Општината посочуваат дека во текот на изведување на работите, сообраќајот на тој потег ќе се одвива непречено, согласно со сообраќајната сигнализација и опремата која ќе биде времено поставена, на која ќе биде означено прописното ограничување на брзината на движење од 30 километри на час.
Се предвидува овие работни активности да се одвиваат во период од седум работни дена.