Сливот на реката Вардар опфаќа 80 проценти од водните ресурси и ќе го дефинира новиот плански период 2028-2033 година, особено со европските стандарди и со рамковната спогодба за вода

Првпат Македонија е домаќин на „Денови на Вардар 2025“, кој е значаен настан посветен на одржливото управување со сливот на реката Вардар. Дводневната работилница, која ги обединува институциите, експертите, меѓународните партнери, академската заедница и младите професионалци, треба да создаде платформа за дијалог, размена на знаење и за заеднички активности за зајакнување на управувањето со водите.
Во обраќањето пред присутните, заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, истакна дека Владата ја препознава водата како ресурс од најголем стратешки интерес за развој на државата.
– Водата е наш највреден природен капитал и, како држава, кон неа мора да постапуваме со визија, дисциплина и да градиме долгорочна стратегија. Со поддршка на Владата на Швајцарија ја започнавме програмата за управување, користење и заштита на подземните води. Не сакаме само да создадеме уште еден документ, туку да воспоставиме нов модел за управување со водите што ќе обезбеди одржливост на ресурсот и заштита на јавниот интерес – рече Лашкоска.

До 2027 година, кога завршува првата фаза од програмата, Лашкоска нагласи дека ќе ја имаме поставено основата за идни структурни резултати и воспоставен систем што ќе може да генерира мерливи промени во годините што следуваат.
– Првпат клучните институции во секторот за води работат заедно, координирано и со заедничка визија. Првпат воспоставуваме модел каде што политиката, експертизата и институциите се усогласени околу целта: внатрешен систем за справување со водите. Оваа фаза од програмата има суштинска задача да ги постави темелите за долгорочна трансформација преку зајакнување на институциите, да воспоставиме функционален мониторинг, да дефинираме јасни процедури, координација меѓу министерствата и да го подигнеме нивото на усогласеност на националното со европското законодавство – рече Лашкоска.
Проектот го спроведуваат Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кои се и негови главни корисници. Заменик-министерот за земјоделство, Албрим Хоџа, рече дека долгорочното планирање на водите води кон долгорочно земјоделство.
– Екстремните климатски промени даваат поттик за рационално користење на водите. Битно е да имаме точни и ажурирани податоци за состојбата со водите за да може да се прават планови и во земјоделскиот сектор, и во економијата и во руралните региони – потенцира Хоџа.
Сливот на реката Вардар опфаќа 80 проценти од водните ресурси и ќе го дефинира новиот плански период 2028-2033 година, особено со европските стандарди и со рамковната спогодба за вода. Даме Димитровски, советник за животна средина на претседателот на Владата, нагласи дека состојбата со животната средина во Македонија не е на завидно ниво и дека од неа не зависи само нашиот пат кон ЕУ туку и нашата иднина.
– Секој чекор што ќе го направиме денес за заштита на водите и нивното искористување е инвестиција во иднината – рече Димитровски.

Новиот амбасадор на Швајцарија, Кристоф Зомер, рече дека Програмата за употреба и искористување на водите почнала во 2024 година и дека преку неа се инвестира во луѓето што работат во институциите, ги олеснува партиципативните процеси и промовира содржајни обуки и трајно знаење. Затоа тој очекува поддршка од сите за интегрално управување со водите.
Штефан Худолин, раководител на Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ во Македонија, кажа дека и покрај повеќегодишните напори што се вложени досега, сè уште сме соочени со ограничени предизвици во управувањето со водите.
– Големите реки во Македонија се соочуваат со загадување од граѓаните, земјоделството, индустријата. На пример, градот Скопје е најголем загадувач на реката Вардар, затоа што поскоро треба да се воведат пречистителната станица и колекторскиот систем, а за тоа е потребно силно лидерство и од локалните чинители и од државата. Треба да се зголеми свеста и кај населението. Ние даваме финансиска поддршка, а вистинските чекори ќе зависат од локалната заедница и од државните институции – рече Худолин.
Од Управата за хидрометеоролошки работи посочија дека следната година ќе се врши мониторинг и ќе се собираат податоци за квалитетот на површинските и на подземните води, согласно со европските стандарди, со помош на новонабавената опрема составена од 14 инструменти.
– Ако мониторингот покаже лош квалитет на водите, ќе знаеме кои се загадувачите и кои мерки да се преземат – рекоа од УХМР.
(С. Бл.)












