Ќе се инвестира во здравството и енергетиката, а ќе се реконструира и железницата, Мицкоски најавува инвестициски бум

15

Дел од средствата за планираната модернизација и реконструкција на железницата на Коридорот 10 ќе се обезбедат од Планот за раст, а дел од средствата со најавениот меѓувладин договор со европска земја за инвестиција во инфраструктурата и здравството, кој, како што најави денеска премиерот Христијан Мицкоски, ќе се потпише многу скоро, односно во прашање се денови.

Како што истакна, следува инфраструктурен бум во модернизација и реконструира на железницата на Коридорот 10 од Табановце до Гевгелија, со инвестиции во здравството, а продолжува и барањето партнери за изградба на стратешки проекти, како „Чебрен“ и „Галиште“.

Мицкоски уверува дека со реконструкцијата на Коридорот 10 граѓаните ќе можат да го користат железничкиот транспорт со брзина од 160 километри на час, а карго возовите најмалку четирипати побргу од сегашниот просек. Ќе можат да возат 110 километри на час, наместо, како што рече, сегашните од 10 до 15 километри на час, во одредени делници.

Покрај во железничкиот превоз, дополни, се инвестира и во здравството, а продолжуваме да бараме партнер за изградба на стратешки проекти.

Премиерот Мицкоски на 14 март годинава објави дека Владата работи на инвестиција во инфраструктурата и здравството од неколку милијарди евра. Не откри детали за инвестицијата, но посочи дека се работи за меѓувладин договор со моќна европска земја, како и дека договорот „ќе значи повеќе од 10 проценти од БДП“.

-Очекувам добри вести за македонските граѓани во април и мај на еден меѓувладин договор којшто би го потпишале со многу моќна европска земја што ќе се мери во милијарди, не во милиони за проекти во инфраструктурата и во здравството, сега-засега. Тоа портфолио може да биде зголемено. Очекувам ваков меѓувладин договор што ќе значи повеќе од 10 проценти од БДП, рече Мицкоски.

На 24 март годинава државава  ги доби првите средства од претфинансирањето во рамки на Инструментот за реформи и раст од ЕУ, во износ од 52,4 милиони евра, од кои 24,4 за буџетска поддршка. Тоа се седум проценти од вкупната вредност на финансиската поддршка која за нашата земја изнесува 750 милиони евра.

ИЗДВОЕНИ