Прекуграничниот тунел кај Деве Баир ќе се гради. Претставници од Македонија и Бугарија вчера во Брисел се согласија да продолжат со активностите за тунелот, кој ќе биде изграден во согласност со постоечкиот технички проект доставен од македонска страна.

Директорката за Западен Балкан во Директоратот за проширување и Источно соседство, Валентина Суперти ги седна на маса државниот секретар на Министерството за транспорт на Македонија, Стефан Волкановски, директорот на ЈП Железници Инфраструктура, Синиша Ивановски, како и заменик-министерот за транспорт и врски на Бугарија, Љубен Нанов.

– Двете страни разговараа за напредокот што е постигнат во последните месеци и се согласија за потребата од обновување на напорите за подготовка на студии и тендер за завршување на прекуграничните делови од коридорот, со посебен осврт на тунелското решение. На состанокот се договорија чекорите во следните месеци, при што беа идентификувани приоритети меѓу кои и повторно објавување на тендерот за работите на железничкиот дел помеѓу Крива Паланка и влезот на прекуграничниот тунел до крајот на 2025 година од страна на Македонија. Исто така се зборуваше и за активностите од бугарската страна и активностите што ги преземаат во делот на Железницата – информираа од Министерството за транспорт.

Во однос на заедничкиот проект за изградба на прекуграничниот тунел помеѓу Ѓуешево и Деве Баир, двете страни се договорија да формираат работни групи кои до крајот на јули ќе го финализираат текстот на меѓувладиниот Договор со цел да се утврдат конкретните обврски на двете страни за техничките, финансиските, градежните и оперативните аспекти.

– Исто така се разговараше за содржината и потпишувањето на Договорот за оваа есен со што би се отворил патот за започнување на градежни работи на почетокот на 2026 година. Двете страни се обврзаа да ги истражат најсоодветните можности за заедничко аплицирање за финансирање од ЕУ или од партнерските финансиски институции за заедничка изградба на тунелот. Европската Инвестициска Банка која исто така беше дел од средбата понуди своја подготвеност да помогне во техничките дискусии и да помогне во целокупниот процес – посочија од Министерството за транспорт.

Источниот дел од коридор 8 ги поврзува Македонија и Бугарија и е дел од Европскиот транспортен коридор Западен Балкан – Источен Медитеран.

ИЗДВОЕНИ