Општина Кисела Вода до крајниот рок на јавниот повик за капитални инфраструктурни инвестиции од страна на Владата, поднесе вкупно 22 проекти. Последните 6 апликации се доставени во средата, со што се заокружи процесот на аплицирање со серија внимателно подготвени и стратешки значајни проекти.
Од општината посочуваат дека проектите се насочени кон суштински подобрувања во здравството, образованието, комуналната инфраструктура, сè со цел создавање подобри услови за живот и рамномерен развој на сите делови на општината.
Новите 6 проекти предвидуваат изградба на нова поликлиника, фекална канализација за населбата Бабин Дол, Основен проект за реконструкција на објектот на месната заедница Драчево, Основен проект за реконструкција на објектот на месната заедница Пинтија, Основен проект за доградба на спортска сала во ООУ „Кузман Шапкарев“, населено место Драчево, како и Оновен проект за јавно улично осветлување на патот кон манастир Пеленица.
– Овие 22 проекта се директна инвестиција во секојдневието на нашите граѓани – во нивната безбедност, здравје, образовни и социјални услови. Со нив сакаме да го поттикнеме локалниот економски раст, да создадеме нови можности и да ги унапредиме услугите што ги добива секој жител. Искрено сум благодарен на Владата за отворањето на овој повик и за можноста да се пријавиме со конкретни проекти кои нудат суштински решенија. Верувам дека токму преку вакви партнерства се градат заедничките вредности – постигнување на рамномерен развој и еднакви можности за секој граѓанин, без разлика каде живее – изјави градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера истакна дека на вториот повик со проекти аплицирале сите општини и збирно на двата повика се доставени вкупно 1.200 проекти. Во вториот јавен повик беа предвидени и ставени на располагање до 15 милијарди денари за капитални и инфраструктурни проекти.
Според министерот за локална самоуправа, Златко Перински, најголем дел од апликациите се за подобрување на патната инфраструктура, но има и проекти за заштита на животната средина (уредување корита, тревни и парковски површини), како и за подобрување на образовните институции (изградба и доградба на школи, градинки).
– Од првиот јавен повик има 288 проекти, преку 90 отсто веќе се реализираат, а голем дел се и завршени. До денеска на вториот повик има 887 проекти од сите 80 општини, но до понеделник можеби бројката ќе се зголеми. Широк е дијапазонот на проекти од општините кои се финансирале од централниоот буџет. Се надевам дека оваа проактивност на градоначалниците ќе продолжи. Презадоволни сме како Влада од фидбекот што го добивме и самите бројки тоа го зборуваат, околу 1 200 проекти се навистина импозантна бројка – подвлече Перински.