Ќе се гради нов 400-киловатен далновод од Тетово до Призрен

14

Директорите на електропреносните оператори на Северна Македонија и на Косово потпишаа меморандум за соработка за изградба на нов 400 kV интерконективен далновод од Тетово до Призрен.

Проектот, како што информираше АД МЕПСО, е во согласност со целите на ЕУ за енергетска транзиција до 2050 година и е номиниран како кандидат за зголемување на преносните капацитети преку европската планирачка платформа на ENTSO-E.

Северна Македонија и Косово во моментов имаат само една интерконекција, но според анализите на ENTSO-E, во регионот на Југоисточна Европа е потребно значително зголемување на преносните капацитети, барем двојно, а во некои случаи и повеќе.

Проектот вклучува и дополнителни инвестиции во домашната преносна мрежа, како изградба на нова 400/110 kV трансформаторска станица во Тетово и нови 400 kV далноводи од Тетово кон Охрид и кон Скопје.

– Потпишувањето на меморандумот е значаен чекор во зајакнувањето на нашата регионална соработка и во развојот на електропреносната мрежа. Проектот за 400 kV далновод Тетово – Призрен не само што ќе го зголеми капацитетот и сигурноста на системот туку и ќе овозможи поголема размена на електрична енергија, поттикнувајќи нови инвестиции во ОИЕ – истакна директорот на МЕПСО, Бурим Љатифи.

Двајцата директори се согласиле дека овој проект ќе креира регионална преносна инфраструктура со повисок капацитет, поголема прекугранична размена на електрична енергија, зајакнување на енергетскиот коридор Исток – Запад, подобрена сигурност и флексибилност на системот и поттик за нови инвестиции во ОИЕ.

– Овој меморандум ги потврдува соработката меѓу Косово и Северна Македонија и нашата заедничка посветеност кон создавање модерна и сигурна енергетска инфраструктура. Со овој проект ја јакнеме енергетската поврзаност во регионот и придонесуваме за постигнување на енергетските цели на Западен Балкан – нагласи директорот на КОСТТ, Шабан Незири.

Од АД МЕПСО информираат дека во моментот проектот е во фаза на планирање и техничка подготовка, а почетокот на изградбата ќе зависи од обезбедувањето финансиски средства и од потребното усогласување со сите засегнати страни.

ИЗДВОЕНИ