Најголемата пловечка населба во Европа наскоро би можела да никне во срцето на Ротердам, на местото на некогашното пристаниште Спурвегхавен, кое датира од крајот на 19 век.
Во време кога европските градови бараат решенија за недостатокот на простор за домување, овој амбициозен проект претставува иновативен пристап во користењето на урбаните ресурси.
Зад идејното решение стои данското архитектонско студио МАСТ (MAST Maritime Architecture Studio) во соработка со изведувачот „BIK bouw“. Ако се оди според планот, населбата ќе биде лоцирана токму на вода, во рамките на поранешната индустриска зона во Ротердам, претворајќи ја напуштената област во живописна, одржлива заедница.
Проектот предвидува изградба на 100 станови по пристапни цени, со дополнителни комерцијални објекти и рекреативно пристаниште. Посебен фокус има на заедничките површини, покривните тераси, пловечките патеки и богатата вегетација која ќе се протега низ целата населба.
Зградите ќе се градат надвор од локацијата, со користење вкрстено ламеларно дрво, по што ќе бидат поставени на пловечки темели. Еден од клучните аспекти на проектот е нивната мобилност – предметите може да се преместуваат доколку е потребно, на пример по истекот на закупот.
Се планира и целосна интеграција со урбаната инфраструктура. МАСТ објави дека населбата ќе биде прикладна за велосипеди и бродови и ќе биде поврзана со постојната велосипедска мрежа во Ротердам.
Мостовите на двата краја на пристаништето ќе овозможат пристап до паркинг за велосипеди, пловечки патеки и зелени површини. Низ целиот простор ќе минува воден пат кој ќе овозможи директен пристап од центарот на градот до новите станови.
Одржливоста е клучна компонента на овој потфат. На рендерите можете да видите бројни соларни панели кои ќе помогнат да се намали потрошувачката на електрична енергија од мрежата.
Исто така, во соработка со шкотски еколошки инженери од компанијата „Биоматрикс“ се планира поставување на пловечки насади со трска околу населбата. Тие ќе помогнат во природната филтрација на водата, ќе ја зголемат биолошката разновидност и ќе создадат живеалиште за рибите и другите водни видови.
Проектот е започнат поради се поизразениот проблем во Холандија – немањето станови. Државата планира да изгради милион нови домови до 2030 година.
Недостигот на достапно градежно земјиште е сериозна пречка, поради што, како што наведуваат од МАСТ, се почесто се прибегнуваат кон алтернативни решенија како што се пловечки куќи или нови форми на урбана реконструкција.
Иако сè уште не се знае кога проектот ќе биде завршен, Спурвегхавен веќе привлекува внимание како пример за одржлив урбан развој кој го користи секој достапен метар, дури и оние на вода.