Општина Бутел првпат ќе добие свој дом на културата, кој ќе биде нов симбол на културно-забавниот живот, освен тоа ќе се гради и прекрасен плоштад веднаш до црквата „Свети Јован“. Оваа одлука едногласно ја донесоа советниците на последната седница на Советот на Општина Бутел.
– За таа цел се обезбедени 51 милион денари од Владата преку Министерството за култура и 50 милиони денари од буџетот на Општина Бутел – информираа од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека Домот на културата ќе биде на два ката и ќе се простира на површина од околу 900 квадратни метри, а ќе има и плоштад со површина од 2.000 квадратни метри. Плоштадот, пак, до црквата „Свети Јован“ ќе биде на површина од 5.000 квадратни метри и целосно ќе го смени ликот на општината.
Проектот е целосно изработен, а набрзо ќе има и негова 3Д-анимација.