Со потпишаниот Меморандум за соработка меѓу УНДП, Општина Ресен и двата национални парка, „Галичица“ и „Пелистер“, се овозможува заеднички потфат, односно обележување и уредување 100 километри велосипедски патеки и 70 километри пешачки патеки, кои ќе поминуваат низ заштитени подрачја во Преспа.
Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, потенцира дека се работи на реализацијата на заедничката визија за Преспа како уникатна туристичка дестинација со заштитена животна средина и активни, „зелени“ заедници.
– Низ трите отворени повици за поддршка за нови сместувачки капацитети, иновативни туристички производи и сервиси и обезбедување експертски обуки и тренинзи за сите заинтересирани во туризмот, сметаме дека Преспа добива нов развоен импулс со одржливи екозелени практики – истакна Грегорјан.
За градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, овој проект е уникатен и ќе обезбеди напредок на Преспа.
– Цела Преспа е уникатна со езерото и со националните паркови. Со овој проект, почнуваме нова приказна и ќе мотивираме многу други да дојдат во Преспа и да ги видат убавините на овој регион. Веруваме во развиена и прекрасна општина – посочи Тозиевски.
Директорката на Национален парк „Галичица“ – Ресен, Фросина Георгиевска, рече дека ќе се градат пешачки и велосипедски патеки, со што ќе се збогати туристичката понуда за сите посетители во националниот парк и ќе се изврши поврзување на трите заштитени подрачја во Преспа. Директорот на Националниот парк „Пелистер“ – Битола, Иванчо Тошевски, порача дека Преспа треба да е центарот на сите идни туристички понуди и дека за развој на туризмот, треба регионално да се размислува, затоа што, како што рече, светот се отвора.
Со објавувањето три отворени повици наменети за различни чинители од областа на туризмот, ќе може да се вршат интервенции, кои ќе се реализираат до јуни 2027 години и ќе бидат во висина до еден милион долари.