сабота, февруари 7, 2026
Дома СКОПСКА Ќе се финансираат проекти за воннаставни активности во основните училишта

Ќе се финансираат проекти за воннаставни активности во основните училишта

267

Општина Центар ќе финансира проекти за воннаставни активности во основните училишта на својата територија. За таа цел е објавен јавен повик.

Проектите треба да се наменети за ученици, наставници и родители и да се на тема „Улогата на наставниците и стручните соработници во пренесување на вредностите и моралните норми кај младите“.

Општината појаснува дека проектните активности треба да се реализираат во периодот мај – јуни 2025 година, а избраниот проект ќе добие финансиска поддршка во износ од 250.000 денари, еднократно исплатени од Буџетот на Општината.

Право на учество имаат здруженија на граѓани и други организации од областа на образованието, со седиште на територијата на Општина Центар – Скопје, кои ги исполнуваат утврдените критериуми како: досегашно искуство во реализација на воспитно-образовни проекти, проширување на активностите во сите општински основни училишта, вклучување на обучувачи со високо научно звање (доктори на науки) од релевантни области, родова и старосна рамноправност и детален финансиски план.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, по повод објавениот повик истакна дека училиштата во Центар не се само места за настава, туку и средини каде што се градат вредности и се развиваат карактери.

-Со овој повик вложуваме во образованието како темел на одговорно и морално општество, каде што наставниците и стручните кадри имаат клучна улога во воспитувањето на младите – изјави Герасимовски.

Рокот за поднесување пријави е до 20 мај 2025 година до 15 часот.

 

ИЗДВОЕНИ