Основното училиште „Јоаким Крчовски“ ќе се доградува. Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, вчера го потпиша договорот за започнување на доградбата. Вредноста на овој значаен образовен проект изнесува 42 милиони денари.
Проектот опфаќа доградба со површина од околу 600 квадратни метри, со што ќе се создаде современ, функционален и енергетски ефикасен простор, целосно приспособен на потребите на учениците и наставниот кадар.
– Со реализацијата на овој зафат, училиштето ќе добие осум нови училници – четири на приземјето и четири на катот. Потоа, нови санитарни јазли на секое ниво (машки/женски), нов скалиштен простор и комуникациски ходници, посебен влез/излез за доградениот дел, како и топла врска со постојниот објект за непречено и безбедно движење – соопштија од Општина Ѓорче Петров.
Оттаму додаваат дека во новиот објект ќе биде инсталиран современ систем за греење и за ладење со топлинска пумпа, кој ќе обезбеди висока енергетска ефикасност и оптимални услови за работа во текот на целата година.
– Со овој проект, Општина Ѓорче Петров продолжува да вложува во квалитетно образование и унапредување на условите во училиштата. Наш приоритет остануваат најмладите – создавање безбедна, модерна и поттикнувачка средина, достојна за нивниот развој и за нивната иднина – нагласуваат од локалната самоуправа.












