вторник, февруари 10, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Ќе се „чешлаат“ сите фирми што произведуваат марихуана, премиерот очекува 100 тони...

Ќе се „чешлаат“ сите фирми што произведуваат марихуана, премиерот очекува 100 тони заплена!

49

Ќе се проверуваат сите правни субјекти кои имаат лиценци и се занимаваат со одгледување марихуана и производство на масло од канабис, потврди премиерот Христијан Мицкоски. Мицкоски најави и дека на денешната седница, Владата ќе донесе одлука за вршење на вакви проверки. Строгите контроли доаѓаат како резултат на констатираните неправилности и непочитување на Законот кој ја регулира оваа област во неколку правни субјекти, поради што имаше заплена на 40 тони марихуана. Премиерот вели дека не ја исклучува можноста количеството на запленета марихуана да расте и да се искачи на 100 тони. Тој смета дека законското решение е во ред, но проблем е што тоа не се почитувало и се постапувало по донесен правилник, кој бил во колизија со Законот.

– Јас веќе најавив дека во периодот што следува ќе се направи проверка и во други објекти. Денеска на Влада ќе се донесе тоа задолжение, а јас, поради други активности, нема да ја водам седницата, ќе ја води потпретседателот Димовски. Но, очекувам да бидат донесени ваков тип одлуки и во деновите што следуваат да се проверат сите оние компании што на некаков начин добиле лиценца за да ја вршат оваа дејност, изјави Мицкоски.

Премиерот вели дека во одреден период кога се доделувале лиценците, министер таму бил Венко Филипче, но потенцира, проблемот не е во лиценците туку во правилник, кој е во спротивност со законот.

– Можете да претпоставите дека во одреден период министер таму е Филипче. Но, лиценците се една работа, а втора работа е што е донесен правилник кој е ниво под законот, односно е подзаконски акт со кој, практично, се дозволува да се произведува цвет од канабис кој не ги задоволува ГМП-нормите. Тие биле свесни дека тоа ќе се случи и ако не ги задоволува тие норми, логично е дека со неговото користење или во процесот на екстракција, маслото кое се произведува не може да биде лиценцирано и да се најде во продажба, односно да биде пуштено во продажба. Тоа било многу јасно и за тие што го носеле тој правилник. Сега, вистинското прашање е кој бил мотивот да се донесе таков правилник, ако вие знаете дека не можете да го постигнете квалитетот за да произведете масло што ќе се продава на пазарот и што ќе ги исполнува нормите? И тука треба да се направи една сериозна истрага, рече премиерот и додаде дека ова е само почеток на истрагата и на акцијата и според информациите од спроведената истрага од страна на МВР, станува збор за многу сериозна работа.

Попладнево, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и со директорот на БЈБ, Александар Јанев, беа во магацините каде што е сместен запленетиот канабис и направија увид во стотиците кутии незаконски третиран канабис.

– Запленетата марихуана од 40 тони е сместена во магацините на МВР и ќе биде дел од доказната постапка против правните субјекти кои ја произведувале и ја складирале надвор од утврдените протоколи, рече Тошковски и додаде дека оваа нелегална марихуана имала за цел да заврши на македонските и на улиците во Европа.

Премиерот Мицкоски истакна дека оваа заплена има за цел да покаже дека власта нема да прави компромис со никој што работи против законот и никој не е над законот. Тој испрати порака дека криминалот не се исплати.

– Ќе бидете пронајдени и жестоко казнети, рече Мицкоски.

Во рамки на голема полициска операција во Македонија, надлежните органи запленија околу 40 тони марихуана од неколку правни субјекти, при претреси во објекти во Скопје и во Струмица, вклучително и во кругот на поранешниот „Охис“. Според информациите, иако фирмите биле лиценцирани за одгледување канабис за медицински цели, постојат сомневања дека голем дел од произведената дрога не е наменета за легална медицинска употреба и се истражува зошто бил донесен правилник кој е спротивен на законот, иако се знаело дека на тој начин не може да се добие квалитетно масло од канабис.

Претходно, на крајот на минатиот месец, во Србија беа запленети приближно 5 тони марихуана, за кои српското Обвинителство соопшти дека потекнуваат од Македонија. Премиерот Мицкоски деновиве рече дека ниту тој ниту МВР има информација дека дрогата фатена од српската полиција е со македонско потекло. (В. С. Н.)

 

 

ИЗДВОЕНИ