Ќе се бараат евтини пари за скапата брза пруга  

Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, очекува до вторник да биде подготвен иницијалниот проект за брзата пруга, кој предвидува изградба на нова колосечна железничка линија паралелно на постојниот колосек. За реализација на договорот ќе се грижи координативно тело во кое ќе членуваат сите министри кои ресорно се засегнати. Тој очекува активности веќе од есен и најавува амбициозна и брза динамика. Првичните проценки се дека овој проект во зависност од проектирањето ќе чини ќе чини помеѓу 1,7 и 2 милијарди евра. - Допрва треба да ги добиеме условите, но ќе имаме најдобри услови за финансирање што Македонија може да ги добие на пазарот. Ние како економија во моментот не можеме да изнесеме проект поголем од 300 до 350 милиони евра, вели Николоски. Според министерот, изведувачот на овој голем проект ќе биде избран според Законот за јавни набавки, а условите што ќе бидат пропишани во тендерот ќе содржат критериуми што ќе му дадат рокови да го заврши проектот навреме

835

Брзата пруга од Табановце до Гевгелија е првиот проект со кој ќе почне Македонија со процесот за обезбедување финансии, согласно со Договорот со Обединетото Кралство, кој помина во Собрание на 28 мај, а минатата недела беше потпишан од претседателката на државата и објавен во „Службен весник“, што значи дека е веќе на сила.

Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, очекува до вторник, кога ќе се одржи владина седница, да биде подготвен иницијалниот проект за брзата пруга, кој предвидува изградба на нова колосечна железничка линија паралелна на постојниот колосек.

По префрлањето на сообраќајот на новиот колосек, ќе се започне со реконструкција и модернизација на постојниот колосек, кој ќе опфати и ублажување и скратување на кривините со цел да се овозможи побрзо движење на возовите. Според најавите, очекувањата се патничките возови да се движат со брзини до 160 километри на час, а товарните – до 120 километри на час.

За реализација на договорот ќе се грижи координативно тело во кое ќе членуваат сите министри кои ресорно се засегнати.

– Имајќи предвид дека првата наредна седница на Владата е во вторник, значи дека само за два-три дена од влегувањето на договорот во сила ќе ги имаме првите големи активности, а тоа е формирање координативно тело за реализација на договорот, во кое ќе членуваат сите министри што ресорно се засегнати. На барање од „МЖ –Инфраструктура“, преку Министерството за транспорт, Владата ќе го задолжи Министерството за финансии да започне постапка за обезбедување средства за првиот голем инфраструктурен проект, а тоа е железничкиот, на Коридорот 10. Барањето ќе биде испратено до сите меѓународни финансиски институции, кои треба да дадат понуди, а ние ќе треба да определиме кои се најдобрите услови за финансирање. Ние мислиме дека ќе биде тоа Велика Британија, но, дај Боже, да се пријави некој што ќе понуди поинакви услови и поевтино финансирање – вели Николоски.

Тој очекува активности веќе од есен и најавува амбициозна и брза динамика. Првичните проценки се дека овој проект, во зависност од проектирањето, ќе чини ќе чини помеѓу 1,7 и 2 милијарди евра.

– Допрва треба да ги добиеме условите, но ќе ги имаме најдобрите услови за финансирање што може да ги добие Македонија на пазарот. Ние, како економија, во моментот не можеме да изнесеме проект поголем од 300 до 350 милиони евра. Најмногу досега што можела Македонија да се „амбицира“ како проектни финансирања е на Коридорот 8, поточно третата секција од пругата кон Бугарија, каде што имаме финансиска конструкција од 350 милиони евра, од кои 185 милиони се кредит од ЕИБ, а 175 милиони евра се кредит од ЕБРД, и Македонија никогаш не отишла над тоа – потенцира министерот.

Николоски вели дека изведувачот на овој голем проект ќе биде избран според Законот за јавни набавки, а условите што ќе бидат пропишани во тендерот ќе содржат критериуми што ќе му дадат рокови да го заврши проектот навреме.

– Во делот на работниците, воопшто нема никакви ограничувања, може сите работници да се од Македонија. Она што ќе се вградува, до 30 проценти да е произведено во Велика Британија. Имајќи предвид дека ако зборуваме за пругата, модерните пруги користат софистицирани системи за сигнализација, тоа се системи што возовите ги носат на автопилот, самите управуваат со воз итн. За жал, тоа се системи што ние не ги произведуваме и, веројатно, тоа ќе биде британската компонента, која ние ја немаме – истакна вицепремиерот Николоски.

Генералниот директор на „Македонски железници –Инфраструктура“, Синиша Ивановски, деновиве најави дека се очекува од есен да се почне со некакви активности, а градежните работи да завршат по пет години од моментот на потпишувањето на договорот за изведувачот.

Тој најави дека паралелно со изградбата на пругата, ќе се реконструира и централната Железничка станица во Скопје, како и дека ќе се гради пруга до Меѓународниот аеродром „Скопје“. Исто така, есенва ќе почне целосната реконструкција на делот од железничката пруга од Драчево до Илинден, како и делот од Зелениково до Скопје, кој ќе биде во состав на градскиот воз.

– Со преземените активности и со целосните модернизација и изградба на новата пруга, планираме повторно да ја вратиме Македонија на железничката мапа. Македонија има одлична инфраструктурна, географска и стратешка позиционираност, а товарниот железнички сообраќај може да биде еден од главните двигатели на економскиот развој – рече Ивановски.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ