| Предложен нов список со лектири во основното образование, МОН повикува на јавна дискусија за негово дефинирање
|
Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието организираат јавна дискусија за новиот предлог лектирен список за основното образование и упатуваат покана до сите заинтересирани страни: наставници, стручни служби и други чинители во образованието „активно да се вклучат во дефинирањето современ, инклузивен и квалитетен лектирен список, кој ќе одговара на реалните потреби на учениците и на наставниот процес“.
МОН објави на својата веб-страница предлог-список со лектири, посочувајќи дека потребата од ажурирање на лектирниот список произлегува „од стремежот за постојано усогласување на наставните содржини со современите образовни цели, развојните карактеристики на учениците и со нивниот социјален и емоционален контекст“.
– Предлог-списокот е изработен врз основа на списокот што се реализира во наставата од учебната 2019/2020 година. Одредени наслови се отстранети поради малата читаност, несоодветноста на возраста или на содржината. Поради промените во наставните програми и интердисциплинарното поврзување во наставата, некои дела се преместени во друго одделение или добиле нов статус – од задолжителни станале изборни и обратно. Во предлогот се вклучени дела што обработуваат современи и значајни теми, меѓу кои: идентитетот и самодовербата, пријателството и меѓучовечките односи, училишниот живот и булингот, емоционалните и психолошките предизвици, културната разновидност, инклузијата на децата со посебни образовни потреби – наведува Министерството за образование и наука.
Целта е учениците да читаат содржини блиски на нивната реалност, но, додава МОН, „и доволно слоевити за анализа и симболичко толкување, што ќе поттикнува критичко размислување, дискусија и личен развој“.
Предлог-списокот со лектири е отворен за предлози за сите одделенија од второ до деветто. Предвидена е и можност за вклучување на по едно дело од националните литератури на сите наставни јазици, при што секое дело ќе биде преведено на сите службени наставни јазици во Македонија.
Во објавата на МОН е достапен и формулар за предлог-книга, кој, најдоцна до крајот на месецов (30 ноември) треба да се испрати на е-адресата на Бирото за развој на образованието [email protected].












