Сè уште се разгледува можноста за воведување уште два дополнителни часа евтина дневна тарифа. Доколку се зголеми евтината дневна тарифа за два часа и да трае од 12:00 до 16:00 часот наместо од 13:00 до 15:00 часот, во тој случај би требало да се намали ноќната, односно евтината тарифа, наместо од 22:00, да почнува од 24:00 часот. Засега пресметките велат дека граѓаните повеќе користат електрична енергија во последните два часа од денот, односно од 22:00 до 24:00 часот и доколку овие два часа нема евтина струја на сметка на два дополнителни часа прекуден, тоа би можело да им ги покачи сметките на граѓаните.
– Анализите што го следат движењето на пазарните цени на берзите укажуваат дека во периодот од 12:00 до 16:00 часот, цената на електричната енергија е најниска. Но, исто така, податоците покажуваат дека цената на електричната енергија е три-четири пати повисока во периодот од 20:00 до 24:00 часот. Дел од овој временски интервал, конкретно од 22:00 до 24:00 часот, моментално се пресметува како евтина тарифа. Од друга страна, пак, анализите на потрошувачката кај домаќинствата укажуваат дека граѓаните најмногу ја користат вечерната евтина тарифа. Ако се следат пазарните сигнали, евтината дневна тарифа би била од 12:00 до 16:00, а скапата би се поместила до 24:00 часот – изјавија за весникот ВЕЧЕР од Регулаторната комисија за енергетика.
Оттаму додаваат дека ги следат навиките на граѓаните и анализираат кога повеќе се користи и во кој дел од денот евтината тарифа има поголем бенефит за домаќинствата. И покрај тоа што засега остануваат на сила актуелните интервали на евтина тарифа, сепак, анализите и натаму течат.
– РКЕ, како и досега, ќе продолжи да ги следи берзанските движења и да врши сеопфатни анализи во овој сегмент. Доколку се променат околностите и имаме нов поволен сигнал, ќе се донесе соодветна одлука – велат од Регулаторна.
Информациите покажуваат дека во ЕУ најголем дел од домаќинствата се на слободниот пазар и поседуваат паметни броила. Согласно со ценовниот тренд на берзата, снабдувачот ден претходно праќа информација и го известува потрошувачот како ќе се движат цените на електричната енергија во текот на следниот ден и врз основа на таа информација, секој си ги планира активностите во однос на потрошувачката на електрична енергија.
Дневната евтина тарифа беше укината на први јануари 2022 година, а причина беше енергетската криза. Како што се стабилизираше состојбата со цените на струјата така работите во земјава се подобруваа, па регулаторот реши да ја врати од први декември 2023 година, од 13:00 до 15:00 часот. Евтината ноќна тарифа не беше исклучена во тоа време, и натаму се користи од 22:00 до 7:00 часот и во недела цел ден.
Во меѓувреме, Регулаторната комисија за енергетика е во завршни подготовки за формирање на новата цена на електричната енергија, која домаќинствата ќе ја плаќаат од први јануари. Регулаторна веќе ги доби пресметките за трошоците за пренос и дистрибуција на електричната енергија од МЕПСО, Електродистрибуција, „ЕВН Хоум“ и МЕМО. Одлуката за цената на новите тарифи треба да ја донесе најдоцна до 30 ноември и таа ќе биде на сила од следната година. Според информациите, не се очекува значителна корекција на цената на струјата од 1 јануари 2026 година.
Промената на цената на струјата, исто така,ќе зависи од цената по која ќе ја понуди ЕСМ струјата на тендерот на „ЕВН Хоум“, која во јули немаше промени и изнесуваше 62 евра за мегават-час. Поради тоа, цената на електричната енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи остана непроменета.
Инаку, евтина дневна тарифа има само во Македонија и во еден дел од Босна и Херцеговина.
(А. С.)












