Падна цената на индустриската пиперка ајварка, која во Струмичко се откупува по 20 денари за килограм. Земјоделците велат дека причината за намалување на цената на домашните земјоделски производи е увозот на пиперки, домати, краставици од Турција, Албанија, Грција… И покрај тоа што годинава има доволно домашни пиперки и за индустријата и за граѓаните – за ајвар, увозот ја руши цената. Причината за големиот диспаритет во цената на зеленчукот на пазарите во Скопје и на оние во другите градови во државата се високите маржи, кои ги ставаат трговците и кои одат и до 100 отсто. Според нивните пресметки, вкупните транспортни трошоци за еден килограм пипер од Струмица до Скопје не се повисоки од два денара, а разликата во цената е од 60 до 70 денари.
– Имаме увоз на индустриска пиперка најмногу од Турција, која се увезува во пакети. Оваа пиперка не е класифицирана, има долг транспорт и квалитетот, секако, не е ист со домашната, која веднаш се продава. Во екот на најголемо производство, ние увезуваме и затоа не можеме да ги продадеме нашите. Кога имаме наше производство, не треба да се увезува за да не падне цената. Турската пиперка е поевтина, бидејќи имаат поевтини репроматеријали и поголеми стимулации од државата – вели за весникот ВЕЧЕР Ристо Велков, претседател на Регионалниот сојуз на земјоделци од Струмица.
Според него, причина за големиот диспаритет на цените во Скопје и на пазарите во другите градови во државата се високите маржи на трговците, кои достигнуваат и до 100 отсто.
– Пиперките, доматите и другите видови зеленчук на пазарите во Скопје се продаваат три пати поскапо. Трговците ја купуваат пиперката во Струмица за 20 до 30 денари, а во Скопје ја продаваат по 60-70 денари, а транспортните трошоци не се повисоки од два денара за килограм. Најголема заработка имаат трговците, кои се втора рака, односно оние што купуваат од Кванташки и продаваат на зелените пазари – вели Велков.
Земјоделците сметаат дека треба во државата да има поголема контрола на тоа што се увезува, од каде, по која цена…
– Мора да се почитува Договорот за слободна трговија, но мора да постојат и механизми за заштита на домашното производство. Треба да се има контрола што се увезува, од каде, по која цена и да се стави ред во откупот и во трговијата со земјоделски производи. Трговците не ја почитуваат законската регулатива во државата, имаме монопол и на пазарите на големо и на мало, а индивидуалните земјоделци се оставени сами да се борат со конкуренцијата – вели Ѓорѓи Каракашев од Националната земјоделска мрежа.
Земјоделците велат дека прекупците ја продаваат ајварката по 55-60 денари пакет, во кој има најмалку пиперки од прва класа, повеќето се од втора и дел од трета класа. Тоа значи дека средната цена на пиперката трговецот го чини околу 30 денари со пресметан превоз или со 55-60 денари, неговата заработка е од 80 до 100 проценти.
Благите пиперки се 40-50 денари, лутите 30-40 денари, краставиците 25-30 денари, доматите 35- 50 денари, корнишоните 25 -30 денари, зелката 10 денари, компирите 25- 30 денари. Ова се цените на некои од земјоделските производи на Кванташкиот пазар во Струмица. Доколку се споредат со оние на пазарите во Скопје, може да се забележи какво е нивното движење од примарните производители до крајните потрошувачи. На Кванташкиот пазар во Струмица, кромидот е 25 денари, модриот патлиџан осум денари парче, морковот 30 денари, лукот 200-250 денари, сливите 40 денари, јаболката 40-45 денари, а грозјето 40 денари. Цените, пак, на пазарите во Скопје се следни: благите пиперки се 60 денари, лутите пиперки 100 денари, краставиците и корнишоните 60 денари, зелката 20 денари, компирот и кромидот 40 денари, модриот патлиџан 20 денари парче, доматите 60-80 денари, модрите сливи 70 денари, грозјето и јаболката 80 денари. Ајварката од прва класа е 80 денари.
(А. С.)