По домаќинствата, возилата се најголемите загадувачи на воздухот во градовите. Во земјава има над половина милион возила од кои повеќе од половината се дизелаши кои најмногу загадуваат.
Експерти и екологисти сметаат дека електричните возила се иднината во нашата земја и можно решение на намалувањето на загадувањето. Во таа насока, министрите за животна средина и за енергетика, Изет Меџити и Сања Божиновска, денеска промовираа модерен систем за целосно електрично споделено возење Avant2Go, доаѓајќи пред Владата во електрично возило, каде што ги чекаа новинарските екипи. Тие истакнаа дека скопјани од системот ќе имаат сериозни придобивки, како почист воздух, потивки улици, намален сообраќаен метеж…
По домаќинствата, возилата и градежните активности се најголемите загадувачи на воздухот во градовите. Во последниве пет години во земјава годишно се увезуваат во просек по 40 илјади возила, а најголем процент од нив се половни. Но, најпоразителна е староста на возилата. Според достапни податоци, на пример во 2021 година по патиштата и улиците се движеле над половина милион возила, од кои повеќе од половината се „дизелаши“, многу мал процент се возила на алтернативни горива, а останатите се „бензинци“.
Три години подоцна состојбата речиси и да не е променета. Според податоците на Царинската управа, за првите четири месеци од оваа година, во земјава влегле над 24 илјади патнички автомобили, од нив околу 4 илјади се нови, а дури над 15 илјади се половни. Исто така, увезени се околу 3.600 нови товарни возила и над 1.300 употребувани, како и 25 половни автобуси. Просечна старост на патничките автомобили е над 19,5 години, а за транспортните возила е нешто над 18,8 години.
Пред крајот на минатата година десет граѓански еколошки здруженија побараа од Владата да забрани увоз на возила постари од десет години и под „Еуро 5“ стандардот. Според нив, старите возила испуштаат ПМ честички и на 200 отровни соединенија и јаглеводороди како што се бензен, толуен, етилбензен, ксилени, бензо-а-пирен. Сметаат дека треба да ограничи увозот и на нови возила со мотори со минимум „еуро 6“ стандард. Екологистите се свесни дека укинувањето на увозот на возилата постари од десет години може да биде неповолно за посиромашните граѓани кои не можат да си дозволат поскапи коли, заради што сметаат дека властите мораат паралелно со оваа мерка да работат и на обезбедување на ефикасен и еколошки јавен транспорт.
Експерти и екологисти сметаат дека електричните возила се иднината во нашата земја и можно решение на намалувањето на загадувањето. Но, во моментов немаме добра инфраструктура за овие возила, кои се многу скапи за македонскиот животен стандард, но од друга страна електричните возила воопшто не се еколошки поради начинот на кој се произведуваат.
Министрите за животна средина и за енергетика, Изет Меџити и Сања Божиновска, придружувани од градоначалниците на аеродром и на Гази Баба, денеска промовираа модерен систем за целосно електрично споделено возење Avant2Go, доаѓајќи пред Владата во електрично возило, каде што ги чекаа новинарските екипи. Тие истакнаа дека скопјани од системот ќе имаат сериозни придобивки, како почист воздух, потивки улици, намален сообраќаен метеж…
– „Авант2Го“ не е само технолошка новина, туку и стратешка инвестиција во еколошката, сообраќајната и економската иднина на државата. Тоа ќе значи нулта емисија на штетни гасови, директно придонесувајќи за намалување на аерозагадувањето, особено во урбаните средини како Скопје. Електричните возила се значително потивки од класичните, а според светските стандарди, едно Car-Charing возило заменува од 10 до 15 приватни возила – додаде Меџити.
Министерката Божиновска рече дека со овој проект започнале уште минатата година и дека очекува многумина граѓани во иднина да ги користат овие услуги.
– Благодарност до градоначалниците што овозможија паркинг места. Моментално имаме 100 возила и истите може да се паркираат на повеќе места. Во пилот-проектот во моментов се вклучени општините Аеродром, Гази Баба, Чаир и Кисела вода – истакна Божиновска.
Во однос на полначите, Божиновска истакна дека се побарани гаранции за потекло на енергијата, а тоа значи дека таа ќе биде од обновливи извори, а тоа е во согласност со ЕУ препораките за намалување на загадувањето.
– Ова ќе биде достапно на сите граѓани, а цената ќе биде поевтина од такси услугата. Очекувам да има повеќе паркинг места на универзитетите за да може да ги користат и студентите – нагласи Божиновска.
Изнајмувањето на ваков електричен автомобил, чини 22 денари по изминат километар, додека минутата возење чини 6 денари. Достапни се 100 автомобили, на 40 до 60 локации. Основачот на проектот, Матеј Цер, рече дека за две до три години во Македонија ќе има околу 1000 електрични автомобили на услуга на граѓаните и низ другите градови.
– Започнуваме во Скопје, во јуни очекуваме до 100 автомобили, секој месец очекуваме се повеќе и повеќе и очекуваме сериозна бројка да достигне до 1.000 автомобили во период од две до три години, а паралелно услугата ќе се развива и во други градови во Македонија – изјави Цер.
Чудно видување на Јапонците – старите возила помалку загадуваат од електричните
Јапонците имаат свое чудно видување на загадувањето на воздухот. Сеопфатната анализа на возила произведени од 1990 до 2016 година на стручен тим од еден јапонски универзитет
Чудно но вистинито – старите бензински возила помалку ја загадуваат околината од новите електрични. Така тврди стручниот тим од еден јапонски универзитет кој има направено сеопфатна анализа на и со помош на сложен алгоритам е пресметано просечното влијание на автомобилите на националниот јаглероден отисок. Тие податоци потоа се споредени со емисиите на ЦО₂, кои се испуштаат во атмосферата при производството на електрични возила.
Резултатот е запрепастувачки – доколку сопствениците ги задржат своите возила десет отсто подолго време место да ги заменат со нови електрични, Јапонците ќе имаат почист воздух. Причината е јасна – колку и да се старите возила големи загадувачи, при производството на нови автомобили сè уште многу се испушта јаглерод диоксид во атмосферата. Според податоците на јапонските универзитетски истражувачи 24 отсто од јаглерод диоксидот за кој се одговорни возилата доаѓа од нивното производство.
Ваквите заклучоци сепак не треба да се генерализираат и да се смета дека еднакво важат и во остатокот од светот бидејќи Јапонија има многу млад возен парк сочинет во голема мерка од хибридни возила. Целокупниот животен век на возилата во земјата, од купувањето до носењето на отпад изнесува само 13 години, а дел од автомобилите уште додека се релативно нови, со старост од само неколку години, се извезуваат – во Русија, Австралија, Монголија, Блискиот Исток…
(С.Бл.)