Започна „блек фрајдеј“, а граѓаните ги подготвуваат паричниците за да ги купат омилените производи на попуст. И покрај тоа што со купувањето одредени производи на попуст граѓаните сметаат дека не трошат, туку заштедуваат, прашање е колку се реални попустите. Фактот дека кај нас попустите наместо еден ден, траат цел месец, нè наведува да размислиме дали навистина се работи за попусти или за маркетиншки трик на трговците. Но, како и да е, потрошувачите, дури и оние што се „изгореле“, редовно паѓаат на ваквите финти на трговците.
И од Организацијата на потрошувачи на Македонија потврдуваат дека секоја година речиси се повторуваат и трговските, но и потрошувачките грешки. Оние што сакаат да продадат, редовно се трудат да ги надмудрат оние што сакаат да купат без да се многу внимателни. Поради тоа, апелираат до потрошувачите да не избрзуваат и да не купуваат по секоја цена, туку само тоа што им треба и да внимаваат на квалитетот на производите.
– На производот треба да бидат залепени две цени, едната стара цена, која треба да важи еден месец претходно, и цената на попуст. Исто така, треба да внимаваат доколку има попуст во некоја продавница, на пример од 70 отсто, дали сите производи се на 70 отсто попуст или само одредени производи, кои послабо им се трошат. Рекламата е голема, но прашање е дали се сите производи на попуст или само постарите модели. Граѓаните да внимаваат, бидејќи за „блек фрајдеј“ трговците најчесто сакаат да протуркаат некој производ што вообичаено послабо се троши – вели за весникот ВЕЧЕР Тања Тасевска, правен советник во Организацијата.
Освен на облека, обувки, за „блек фрајдеј“ има попусти и на белата техника, мебелот, производите за домот, како и на туристичките аранжмани, кои многу често подоцна може да се најадат по истите цени.
– Граѓаните се жалат дека и покрај тоа што сакаат да купат одреден производ на попуст, забележуваат дека цената воопшто не е намалена, односно дека производот се продава по истата цена што била пред да се намали. Така, на пример, ако еден фустан чинел 2.000 денари, сега на етикетата стои дека првата цена била 3.000 денари, а дека намалената цена е 2.000 денари. Постојано имаме јавувања од овој тип, односно дека намалената цена е идентична со онаа што била пред попустот. Доколку наидат на вакви маркетиншки трикови, ние ги упатуваме потрошувачите да пријават во Државниот пазарен инспекторат, да изврши контрола во соодветната продавница – појаснува Тасевска.
Од ОПМ велат дека за „блек фрајдеј“, попустите треба да бидат еден ден, а не еден месец како кај нас. Кај нас, попустите траат цел месец и трговците повеќе ги користат како маркетиншки трик, а не како во Америка, каде што навистина има големи попусти.
Апелираат во овој период, кога трговците сакаат што повеќе да продадат, да внимаваат на цената, а особено на квалитетот на производите. Често се случува трговците да не сакаат да ги заменат или да ги вратат производите што се купени на „блек фрајдеј“ по таа цена.
Во Законот за заштита на потрошувачите има строго определени правила за креирање на попустите. Така, трговецот, кога става одредена стока на попуст, ја намалува цената врз основа на најниската цена во последните 30 дена. На пример, ако тој продавал одреден производ за 6.000 денари, па го продавал за 5.000 денари, потоа за 4.000 денари во текот на еден месец, односно во текот на 30 дена, кога ќе реши да стави попуст или да ја намали цената, има обврска да го спроведе попустот на најниската цена, односно на 4.000 денари. Исто така, трговците секогаш мора, покрај старата цена, да ја стават и новата цена, со прецртување, означување или напишано со букви „стара цена“, па да ја наведат новата цена. Или кога станува збор за процентуалното намалување, тие имаат апсолутна обврска да ја стават новата цена, која произлегува од тоа процентуално намалување.
(А. С.)












