И оваа сезона тимот на Ферари е најголемото разочарување во Формула 1. Ако пред почетокот најавуваа борба за титулата, на средина од неа се далеку од таквите остварувања. Поради тоа почнаа да се вртат шпекулации за евентуални заминувања од тимот.
Прв на тапет е шефот на тимот, Фредерик Васер, кој сè уште не сака да зборува за тоа дали ќе остане на чело на легендарниот тим, додека гласиштата за можни промени се сè погласни. Откако италијанскиот печат објави дека одборот ја разгледува иднината на Васер поради разочарувачката форма на почетокот на сезоната 2025, дополнителна доза на мистерија додаде извршниот директор на Ферари, Бенедето Виња. Тој беше во Силверстон минатиот викенд и во интервју за „Скај Италија“ откри дека имало дискусии во тимот за тоа што да се прави следно.
- Обожавам да доаѓам тука и да го гледам единството на тимот. Тимовите растат низ тешкотии. Единството е сила, а тоа го чувствувам во Ферари, порача Виња.
Кога беше прашан за иднината на Васер, Виња одговори: „Тој е шеф на тимот, јули е и разговараме. Само што ручавме заедно…“
Сепак, самиот Васер не беше расположен да коментира кога медиумите го прашаа за содржината на тие разговори по трката.
- Немам што да додадам на дискусијата што ја водевте со г. Виња, одговори отсечно францускиот стратег.
Иако во некои извештаи се споменува можноста за продолжување на договорот со Васер, кризата со резултатите и стагнацијата на развојниот пат на болидот продолжуваат да будат сомневања кај некои фанови и аналитичари.
Инаку, пред само неколку дена, Кристијан Хорнер, кој цели 20 години ја извршуваше функцијата шеф на тимот во редовите на Ред Бул, беше сменет. Дали истото ќе се случи и со Васер, останува да видиме.