„Јавноста мора да ја знае вистината дека оваа одлука е резултат на директна последица на години негрижа, неодговорност и институционален распад што го оставила поранешната влада во периодот од 2017 до 2024 година. Секој ден како Влада се соочуваме со историски одлуки, не само да го сопреме уништувањето туку и да го спасиме и обновиме сето она што другите го запоставија“, вели минитерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Инаку, тој информира дека Владата ги задолжила сите членови на институциите кои присуствуваат моментално на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, преку координиран настап, заеднички да поднесат амандман за повлекување на Одлуката на УНЕСКО

 

По информацијата дека на 47. сесија на УНЕСКО во Париз, Комитетот предложил регионот на Охридското Езеро да се вклучи на Листата на светско наследство во опасност, македонската Влада реши да поднесе амандман со цел оваа предлог-одлука да биде повлечена. Како што информира министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, Владата ги задолжила сите членови на институциите кои присуствуваат моментално на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, преку координиран настап, заеднички да го поднесат амандманот.

„Јавноста мора да ја знае вистината дека оваа одлука е резултат на директна последица на години негрижа, неодговорност и институционален распад што го оставила поранешната влада во периодот од 2017 до 2024 година. Актуелниот Извештај се однесува токму на овој период на владеење на СДСМ и ДУИ. И во тие седум години не беше преземено речиси ништо од препораките на УНЕСКО, наместо заштита, гледавме игнорирање на експертски извештаи и системско разнебитување. Секој ден како Влада се соочуваме со историски одлуки не само да го сопреме уништувањето туку и да го спасиме и обновиме сето она што другите го запоставија“, рече Љутков.

Тој додава дека се работи со максимална посветеност во координација со сите надлежни институции, како Министерството за транспорт и за животна средина и просторно планирање, Управата за заштита на културно наследство и домашните експерти со цел да се покаже дека оваа Влада може и знае поинаку да се однесува кон културното наследство.

„Вистината ќе мора да се каже јасно. Додека тие ги затвораа очите, ние ги отвораме вратите за спас, додека тие молчеа пред предупредувањата, ние сакаме да зборуваме со дела. Граѓаните имаат право да знаат дека токму тие што го доведоа Охрид на работ на губење на својот статус се истите кои денес држат лекции од опозиција. Историјата нема да ги заборави овие работи, а ние нема да дозволиме нивната негрижа да го чини Охрид со некаква поинаква иднина“, додаде Љутков.

И оваа ситуација беше искористена за партиски реакции. Поранешната министерка за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, сега пратеничка од СДСМ, ја обвини власта дека е неодговорна, опоменувајќи дека во нејзино време била покажана „силна посветеност кон заштитата на Охридското Езеро и неговото наследство и дека биле преземени низа клучни чекори кои беа препознаени од меѓународната заедница и УНЕСКО.

„За да се обезбеди цврста основа за закрепнување на доброто, изработен е Стратегиски план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион. Овој план ја идентификуваше екстремната ранливост на доброто, основните причини за таквата ранливост како неусогласеност на регулативите и недостигот на имплементација на постојните програми и присуството на активни закани. Министерството за култура, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, Управата за животна средина и Управата за заштита на културното наследство, изработи нов предлог-закон за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион, како и нацрт-закон за заштита на културното наследство и предлог-закон за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење. Овие законски рамки имаа за цел да ги зајакнат институционалните капацитети и третманот на наследството. Овие закони се повлечени“, посочи вчера Костадиновска-Стојчевска.

Инаку, на 47. сесија на УНЕСКО, Комитетот предложи регионот на Охридското Езеро да се стави на Листата на светско наследство во опасност, со цел да се поттикне порешителна акција од Владата и надлежните институции во Македонија и да се обезбеди запирање на деградацијата и враќање на атрибутите што ја пренесуваат извонредната универзална вредност на имотот.

Во нацрт-одлуката на Комитетот на УНЕСКО, меѓудругото се посочуваат и забелешките наведени во реактивната мониторинг-мисија од минатата година, со заклучок дека урбаниот развој, недостатоците во просторното планирање, несоодветните интервенции, еутрофикација на езерото, големите инфраструктурни и други проекти – предизвикале сериозно нарушување на клучните атрибути на заштитеното подрачје, што довело до неповратна деградација…

Од Министерството за транспорт и врски, пак, деновиве беше кажано дека државата ќе ги урива дивоградбите во заштитените подрачја, за што е објавен и тендер за избор на фирма. Уривањето ќе го врши Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, под надлежност на Министерството за транспорт и врски.

ИЗДВОЕНИ