Унгарија не може да ја прифати и спроведе одлуката на Европската Унија за постепено укинување на увозот на руска енергија, бидејќи таквата одлука ја загрозува енергетската безбедност на земјата, изјави унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Тој, исто така, рече дека Унгарија и Словачка ќе поведат судска постапка против одлуката пред Европскиот суд на правдата веднаш штом ќе биде финализирана, објави Ројтерс.
Европскиот совет претходно денес објави дека е постигнат договор со Европскиот парламент за постепено укинување на увозот на руски гас до 2027 година, како дел од напорите за ставање крај на енергетската зависност од Русија.
Регулативата претставува правно обврзувачка, постепена забрана за увоз и на течен природен гас (LNG) и на гас преку цевководи од Русија, со целосна забрана од крајот на 2026 година за LNG и есен 2027 година за цевководи.
Како што е наведено во соопштението, ова придонесува за целокупната цел за постигнување на отпорен и независен енергетски пазар на ЕУ, а воедно и зачувување на безбедноста на снабдувањето.
Уделот на рускиот гас во увозот на ЕУ изнесуваше 12 проценти во октомври, што е значително намалување од околу 45 проценти пред почетокот на војната во Украина во 2022 година.
Унгарија, Франција и Белгија остануваат меѓу земјите-членки кои продолжуваат да увезуваат руски гас.












