Ќе ја скроти ли Владата инфлацијата?

459

Инфлацијата и натаму е висока и во јуни изнесувала 4,5 отсто на годишно ниво и 0,8 отсто на месечно ниво. Тоа значи дека за една година, цените пораснале за речиси 5 отсто, покажува статистиката. Мерките што ги презема Владата со ограничување на маржите, ги смирија цените само во март, кога на месечно ниво беа пониски за 1,3 отсто. И Народната банка укажува на претпазливост во однос на инфлацијата.

– Досегашните остварувања кај инфлацијата се малку над очекувањата, што покажува одредени продолжени ефекти и потреба од претпазливост. Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за следниот период се променети во надолна насока, но и покрај тоа, неизвесноста од идната динамика на цените на примарните производи на берзите, поради геополитичките тензии и климатските промени, сѐ уште е многу изразена. Оттука, ризиците за идната динамика на инфлацијата и натаму постојат и се поврзани со продолжената неизвесност од променливото надворешно окружување, но и со домашните фактори што влијаат на побарувачката – посочија од Народната банка.

Владата ќе прави анализа за базичната инфлација, по што ќе излезе со мерки за заштита од зголемените цени, кои ќе бидат прецизирани, таргетирани и наскоро објавени, рече премиерот Христијан Мицкоски.

– Не сме среќни што се случува ова, но мора да направиме детална анализа во делот на базичната инфлација, бидејќи разговарав со неколкумина економски професори и заклучокот е дека делот од производите што ја креираат оваа инфлација, можеби во односот набавувачи – маркети, не е толку зголемен колку во базичната инфлација и во делот на инфлацијата на услуги. Ќе има мерки многу скоро, кои сакаме да бидат прецизни и таргетирани. Не сакаме да бидат мерки што ќе предизвикаат стихија – рече Мицкоски.

Како што посочи, она што е првично забележано е дека има големо отскокнување кај инфлацијата на услуги, каде што бројките се двоцифрени.

– Треба да видиме колкав е уделот на инфлацијата во услугите при создавањето на базичната инфлација. Тука имаме отскокнување, двоцифрени бројки – рече Мицкоски.

Попластично кажано, додаде Мицкоски, ако ја видите информацијата за земјоделските производи од пред недела-две, ќе забележите дека се зголемени параметрите во импутот за два процента, а во аутпутот – за 11 проценти.

– Земјоделецот го продава производот на некој што го носи тој производ во маркет и ако тој го продава за 11 проценти повисока цена, тогаш е јасно за што зборувам – рече Мицкоски.

Според статистиката, во јуни трошоците за живот биле зголемени за 4,5 проценти, а цените на мало – за 3,7 проценти на годишно ниво. Од опозицискиот СДСМ велат дека Македонија тоне во нов бран на растечка инфлација, поради целосно промашена економска политика на Владата.

– Годишната инфлација е зголемена на 4,5 % – за толку се зголемени трошоците за живот во јуни 2025 година во споредба со јуни 2024 година. Во тој период, цените на мало се зголемиле за 3,7 %. Статистиката не лаже – животот станува уште поскап, а инфлацијата притиска и ја опаѓа куповната моќ – велат од СДСМ, додавајќи дека инфлацијата континуирано не само што ги јаде семејниот буџет, платите туку и економскиот раст.

Повисоката инфлација на месечно ниво е резултат на зголемувањето на трошоците за живот кај: транспортот за 2,9 проценти; рекреацијата и културата, храната и безалкохолните пијалаци за 1,1 процент; разновидните стоки и услуги за 0,9 проценти; мебелот, покуќнината и одржувањето на домаќинствата за 0,8 проценти; рестораните и хотелите за 0,5 проценти; здравјето за 0,3 проценти; комуникациите, облеката и обувките за 0,2 проценти и домувањето, водата, електриката, гасот и другите горива за 0,1 процент. Кај цените на мало, во јуни било забележано зголемување од 1,1 процент на месечно ниво.

ИЗДВОЕНИ