Поминаа 16 години откако јамајскиот атлетичар Усеин Болт постави светски рекорди на 100 и на 200 метри и тој верува дека нема да бидат загрозени тие резултати долго време.
- Не сум загрижен – рече Болт на настан на „Пума“, два дена пред почетокот на Светското првенство.
Тој ги постави рекордите (9,58 секунди на 100 и 19,19 секунди на 200 метри) во 2009 година, во Берлин. Оттогаш само Јохан Блејк успеа да трча под 9,7 секунди на 100 метри и побрзо од 19,31 секунди на 200 метри.
Американецот Ноа Лајлс беше единствениот што отворено објави дека сака да ги надмине резултатите на Болт. Тој ги освои двата спринта на светските првенства во 2023 година, но неговиот најдобар резултат беше 19,31 секунда на 200 метри, во 2022 година, што е нов американски рекорд.
Најдобриот резултат во 2025 година беше поставен од Јамајчанецот Кишане Томпсон (9,75 секунди), па се очекува дека тој, заедно со сонародникот Облик Севил, да биде фаворит во финалето на 100 метри. Болт предвидува дека Јамајка ќе ги заземе првите две места.
- Сè е во правилното изведување на трката, а не во обрнувањето внимание на бучавата отстрана – рече Болт.
Австралискиот тинејџер Гут Гут (17), кого веќе го споредуваат со Болт поради стилот и резултатите, би можел да биде кандидат за соборување на рекордот во иднина.
- Лесно е во помладите категории, но преминот во сениорска конкуренција е многу потежок. Сè зависи од вистинскиот тренер и од вистинската средина – рече Болт.
Иако верува дека напредокот во технологијата за атлетски обувки еден ден ќе доведе до нови рекорди, Болт верува дека неговите резултати засега не се во опасност.
- Сè во животот еволуира, луѓето сакаат да бидат подобри и побрзи. Нема да биде изненадување кога ќе се случи тоа, но не сега – заклучи Болт.