Британија гарантира Македонија да добие евтини кредити од меѓународни банки со кои допрва ќе се разговара. Едни економски експерти сметат дека е добар ваквиот начин на финансирање на проекти, но се сомневаат во капацитетот на домашните градежни компании да одговорат на предизвикот. Други пак, експерти сметаат дека договорот за британскиот заем е направен по крајно нетранспарентен начин и дека во Владата се однесуваат како да се зема грант за лични потреби

 

Со договорот со Велика Британија, Македонија има можност да отвори конкурентен дијалог со финансиски институции во светот од каде ќе може за конкретни проекти да зема заеми по најниски каматни стапки, бидејќи за нивното враќање гарантира владата на Обединетото кралство која има највисок кредитен рејтинг ААА.

Разговорите со меѓународните банки ќе ги води Министерството за финансии и ќе ја оценува најповолната понуда која ќе ја предложи до Владата на прифаќање. Премиерот Христијан Мицкоски деновиве истакна дека станува збор за банки со кои веќе е разговарано дека се подготвени да ги испорачаат средствата, но договор се уште нема.

Тој појаснува дека министерствата кои треба да ги направат проектите, како што се Министерството за здравство за болниците во Штип, Кичево, Тетово, студентскиот дом, здравствениот дом, и Министерството за транспорт и врски за брзата пруга, ќе го информираат Министерството за финансии да ги обезбеди парите.

– Министерството за финансии потоа ќе спроведе конкурентен дијалог со финансиските институции во светот, а таа понуда што ќе биде најдобра, таа ќе ја прифатиме. Не значи дека ќе ја прифатиме понудата на финансиската институција со која досега сме разговарале. Ако добиеме подобра финансиска понуда од ЕБОР, или од ЕБРД, или од ЕИБ или кои било банки тие ќе ги прифатиме – објасни премиерот.

Тој истакна дека доколку Македонија сама излезе на пазарот со кредитниот рејтинг којшто ние го имаме како држава, а тој е ББ минус, каматната стапка еулибор ќе биде надградена со 3,5 – 4 проценти.

– Ако го користиме кредитниот рејтинг на Обединетото Кралство, којшто е ААА, тогаш ние ќе добиеме најниска можна каматна стапка којшто некоја држава може да ја добие. Затоа што Обединетото Кралство со тој стратешки договор ни вели ставете го нашиот кредитен рејтинг, ние сме гарант за вас – нагласи Мицкоски.

Средствата ќе се повлекуваат во наредните 10 години, а во првиот циклус од ова проектно финансирање за околу 5 години ќе се реализираат од 2 до 2,2 милијарди евра или годишно по околу 400 милиони евра. Овие средства според министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска нема да имаат влијание само врз долгот, туку ќе придонесат и за растот на економијата затоа што за реализација на проектите ќе бидат ангажирани македонски компании.

– Дел од проектите што ќе се финансираат во првиот циклус, односно проекти од областа на здравството, се веќе буџетирани и нивната реализација нема да има влијание врз долгот. Во однос на конкретните услови, преговорите сѐ уште траат и тие ќе бидат познати по потпишувањето на Меморандумот за разбирање. Целиот процес ќе биде транспарентен, ќе обезбеди конкурентност и целосно почитување на Законот за јавни набавки – вели министерката.

Универзитетскиот професор и економски аналитичар, Синиша Наумоски објаснува дека земањето на кредитна рамка со одредена сума, во случајот 6 милијарди евра, не значи дека веднаш треба да се плати камата на целиот износ.

– Значи рамката стои, паричните средства се ставени и во функција насочени  како издвоени парични средства за земјата, а државата плаќа камата само на искористениот дел. Очекувам каматата да биде ниска. На останатите средства што нема да бидат искористени, државата нема да плати камата. Враќањето на тие средства ќе биде со рок на доспеаност, или на месечни ануитети, или пак, во целост на одреден рок да ја врати главницата во таа рамка. Практично рамковните кредити на еден начин имаат функција за развој на БДП. Треба да веруваме дека за 3 години ќе имаме 5% БДП и некаде во 2030 година да стигнеме до 8% раст на БДП – потенцира Наумоски.

Што се однесува до задолжувањето по 2 милијарди евра за два проекта: хидроцентралата „Чабрен и Галиште“ и брзата пруга, Наумоски смета дека тоа зависи од капацитетот на компаниите во државата да ги исполнат апликативно парите што ги земале од оваа кредитна рамка

– Практично ефектот од изборот на проектите ќе биде највеќе базиран на успешноста на апликацијата во однос таа инвестиција да биде завршена согласно роковите. Тука може да се постават посебни ризици, но сметам ефектот на самото задолжување или вбризгување на овие свежи пари од билатералните заеми ќе се мултиплицира преку вклучување на поголем број на компании кои ќе ја раздвижат економијата и кои ќе имаат директно влијание врз растот на БДП. Сепак, треба да го имаме предвид проблемот што немаме доволно работници и нивната продуктивност, како и бројот на градежни компании кои можат да изведуват инфраструктура. Но ,тука е државата која води грижа и има стратешки чекори во натамошните оперативни планови на годишно ниво како тоа да го потпомогне за да имаме, условно речено, ефект од овие капитални проекти – констатира Наумоски. 

Економскиот аналитичар, Синиша Пекевски пак, фрла сомнеж во транспарентноста на постапката која Владата ја водеше околу земањето на британскиот кредит.

– Транспарентноста не е одлика на оваа влада и начинот на функционирање е тотално различен од она за што говореа и се залагаа. Заемот од Британија е направен по крајно нетранспарентен начин и се однесуваат како да се зема грант за лични потреби. Не се знаат ни услови, ни начин на отплата, ни камата, ни пенали, ништо. Не го разбирам начинот – прво да се бараат пари, а потоа да се види за што ќе бидат потрошени средствата. Предлогот за „Чебрен“ кога е правен е предвиден под некакви услови, дали тие сега се исплатливи, сепак никој не кажува, исто така и за пругата. Немаме стратегија, план и визија како би се развивале, се земаат средства без да се направи сето тоа – вели Пекевски.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ