Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, објасни дека бил извршен вонреден инспекциски надзор, при што било утврдено дека пената потекнува од правен субјект што стопанисува во непосредна близина. Притоа, нагласи дека се земени примероци од шахтата, од површината на булеварот, како и од пеноматот во сопственост на правното лице, кои се испратени на анализа и се очекуваат резултатите. Истакна и дека врз основа на утврдената состојба и на собраните докази, кон правното лице ќе бидат преземени најстроги санкции

 Масовно истекување на хемиска пена од средишната шахта на булеварот „Александар Македонски“, во Автокоманда, вчеравечер ги вознемири и ги загрижи граѓаните.

Некои од граѓаните објавија и фотографии на социјалните мрежи, а веднаш интервенирал и Инспекторатот на Град Скопје, кој извршил вонреден инспекциски надзор на булеварот. Притоа, било утврдено дека загадувањето потекнува од фирма што стопанисува во непосредна близина.

Со објава на социјалните мрежи реагираше и градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој ситуацијата ја нарече „алармантна“, но  не откри за која фирма станува збор.

– Согласно со издадената наредба од Инспекторатот на Град Скопје, беше извршен вонреден инспекциски надзор на булевар „Александар Македонски“ во Општина Гази Баба. Овластените инспектори на Град Скопје веднаш излегоа на терен и направија детален увид во состојбата. Од средишната шахта на булеварот беше забележано масивно истекување на хемиска пена на јавна површина, која потекнува од правен субјект што стопанисува во непосредна близина. Станува збор за сериозно нарушување на законските прописи и директно загрозување на животната средина. Надлежните институции веднаш постапија – информираше Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека се земени примероци од шахтата, од површината на булеварот, како и од пеноматот во сопственост на правното лице. 

Притоа наведе дека примероците се испратени на анализа и се очекуваат резултатите.

Ѓорѓиевски истакна дека детално ќе биде анализиран елаборатот за животна средина, кој, како што кажа, субјектот е должен да го поседува, за да се утврдат причините и евентуалните неправилности во неговите оперативни процеси.

Воедно, истакна дека врз основа на утврдената состојба и собраните докази, кон правното лице ќе бидат преземени најстроги санкции.

– Никакво отстапување нема да биде дозволено, секој што го нарушува законот, ја загадува околината и го загрозува здравјето на граѓаните, ќе се соочи со целосната сила на институциите – дециден е Ѓорѓиевски.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ