Портпаролот на иранските вооружени сили, Аболфазл Шекарчи, изјави дека Иран ќе им одржи лекција на Соединетите Американски Држави и Израел „каква што никогаш не ја доживеале во историјата“.
По нападите утрово од страна на САД и Израел врз Иран, Секарчи рече дека иранските вооружени сили реагирале веднаш и започнале ракетни напади врз секоја локација што била во служба на американската и израелската армија, објавува агенцијата Тасним.
„Со Божја помош, ќе им одржиме на САД и Израел лекција што никогаш не ја доживеале во својата историја. Израелските бази веќе се соочија со проблеми и Иран подоцна ќе им удри уште посилен шлаканик“, предупреди воен функционер.
Иран ќе даде „посилен“ одговор отколку што даде во 12-дневната војна со САД и Израел минатиот јуни, според СМС-порака испратена до мобилните телефони во Иран денес.
„Овој пат одговорот на Иран ќе биде побрз, посилен и пообемен од 12-дневната војна“, се наведува во текстуалната порака, пренесува NBC News.
Во неа се додава дека „иранските вооружени сили започнаа сеопфатен одговор насочен кон американските и израелските бази“.
Израел и САД рано утрово започнаа заедничка офанзива против Иран, по што иранските сили започнаа ракетни напади насочени кон клучните американски воени објекти во Кувајт, Обединетите Арапски Емирати, Катар и Бахреин.
Полуофицијалната иранска новинска агенција Фарс објави дека Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) ја извршил операцијата како одговор на она што Техеран го опиша како агресија по израелските напади врз Иран утрово и последователните американски напади врз Иран.
Според прелиминарните воени проценки, од утрово до денес од Иран кон Израел се лансирани околу 35 балистички ракети. Некои од ракетите беа пресретнати од противвоздушна одбрана, додека други погодија отворени области.
ИРГЦ објави дека го започнала „првиот бран напади со ракети и беспилотни летала од големи размери“ против Израел, објави новинската агенција Тасним.
Во соопштението се наведува дека нападите се случиле „како одговор на непријателската и криминална агресија на непријателот против Исламската Република Иран“.












