Еден од најдобрите НБА-играчи, Кевин Дурант, би сакал да игра за САД на Олимписките игри во Лос Анџелес, во 2028 година, но само под еден услов.
- Ако сум сè уште вистинскиот јас, ќе играм на Олимписките игри во 2028 година. Не сакам да бидам оној ветеран што седи на клупата само за да го добие својот петти златен медал – рече Дурант на настан организиран од неговата компанија „Boardroom“.
Тој има 36 години и веќе е еден од најодликуваните кошаркари во историјата на американската репрезентација. Тој има четири златни олимписки медали во својата колекција: од Лондон 2012, Рио 2016 и од Токио 2021, како и златен медал од Светското првенство во 2010 година. Тој освои вкупно пет големи медали со САД и беше прогласен за МВП на Светското првенство во кошарка, во 2010 година и на Олимписките игри во Токио, во 2021 година.
На клупски фронт, Дурант е двократен шампион на НБА и двократен МВП на финалето со тимот на Голден стејт (2017 и 2018), како и поранешен МВП во регуларната сезона. Тој влегува во својата 19. НБА-сезона како член на Хјустон рокетс, откако пристигна од Финикс санс преку размена ова лето.
Минатата сезона, тој одигра 62 натпревара во регуларната сезона со Финикс, со просек од 26,6 поени, 6 скока и 4,2 асистенции. Во текот на својата кариера, тој го носеше дресот на Оклахома, Голден стејт и на Бруклин.
Потенцијалното негово појавување во Лос Анџелес, во 2028 година, би значело и можност да го брка историскиот петти златен олимписки медал пред домашната публика, но, како што вели самиот, само ако може да придонесе на теренот.