„Управата за заштита на културното наследство изработи технички преглед со предмет-пресметка за санација на објектите планирани како музеј на праисторискиот и музеј на отоманскиот период, за кои се потребни дополнителни осум милиони денари кои ќе бидат обезбедени со ребаланс на буџетот, а нивното ставање во употреба очекуваме да биде во последниот квартал од годината“, кажа деновиве министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Директорката на Управата, Весела Честоева, пак, за весникот ВЕЧЕР, вчера потврди дека до Влада е доставена техничка спецификација за завршување на двата музеја (праисторискиот и османлискиот)

 

„На скопско Кале ќе се одвива голема акција за чистење и средување на просторот“, изјави деновиве министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, најавувајќи активности за уредување на овој простор кој со години е во катастрофална состојба. Иако се работи за недвижно културно наследство, кое треба да биде едно од најатрактивните места во Скопје за посета на туристите, целиот простор е девастиран, обраснат со вегетација, а трите музеи за праисторискиот, османлискиот и средновековниот период, чија изградба започна во 2011 година, не се во употреба.

„Работиме на скопското Кале, симболот на градот Скопје, кое, за жал, беше заборавено во изминативе седум години. Поради целосната негрижа, Управата за заштита на културното наследство изработи технички преглед со предмет-пресметка за санација на објектите планирани како музеј на праисторискиот и музеј на отоманскиот период, за кои се потребни дополнителни осум милиони денари кои ќе бидат обезбедени со ребалансна буџетот, а нивното ставање во употреба очекуваме да биде во последниот квартал од годината“, рече министерот Љутков.

Тој во септември минатата година заедно со директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева,  направија увид на скопско Кале. При посетата е заклучено дека скопската тврдина Кале треба што е можно поскорo да се ревитализира за да стане активна туристичка атракција за промоција на нејзината богатата историја.

„За жал, уште на самиот влез може да се види дека скопската тврдина Кале е целосно запуштена. Вегетацијата која не се одржувала, освен централниот дел и тоа при ретките официјални посети на високи функционери, целосно ја има обраснато тврдината, а некои делови се целосно непристапни. Целосно изградените музеи предвидени за поставките на археолошките предмети од праисторискиот и отоманскиот период се целосно запуштени, видливи се и делумни оштетувања, а музејот предвиден за поставката на археолошките предмети од средновековниот период, кој не е дограден, е целосно обраснат од вегетација. Освен тоа, видливо е дека во последните 7 години воопшто не е инвестирано за какви било интервенции за непосредна зашитита, односно, за конзервација на откриените објекти“, посочија тогаш од Управата.

Директорката Весела Честоева, пак, за весникот ВЕЧЕР, вчера потврди дека Управата за заштита на културното наследство со информација до Влада доставила техничка спецификација за завршување на двата музеја  (праисторискиот и османлискиот).

„Спецификацијата е прифатена и обезбедени се средства со Ребаланс на буџетот за 2025 г. Чекаме да помине во Собрание и да распишеме тендер за завршни работи по истиот проект бидејќи работите таму се застанати од 2017 година“, посочи Честоева.

Инаку, според досегашните сознанија, просторот на кој се наоѓа денешната тврдина бил населен уште во времето на праисторијата, во 4. милениум пр.н.е. Oваа населба заштитена со ѕидови постоела некаде до 3 век пр.н.е., а најдени се остатоци од куќи-полуземјанки. Некаде во 6 век, околу населбата бил подигнат нов ѕид, а куќите во внатрешноста биле градени од дрво. Градската населба „Скопје“, пак, за првпат се споменува кон крајот на 9 век. Во времето на Самуиловото Царство, пак, било една од поважните стратегиски точки во државата, па и најстарите елементи на главниот градски ѕид се од тоа време. Во текот на 11 век биле изградени т.н. „киклопски ѕидови“, а зафати на градскиот ѕид биле вршени во времето на династијата на Комнените и во периодот од 13 до 14 век. За време на отоманското владеење, тврдината била запоставена и локалитетот бил иселен. Детален опис за нејзиниот изглед во текот на 17 век дал Евблија Челебија. Во текот на 19 век, на тврдината се наоѓале магацини, барутани, воена болница и затвор. Слична намена имала и во првата половина на 20 век до 1951 г., кога војската го напуштила Калето. Скопското Кале претрпело големи оштетувања со земјотресот од 1963 г., кога биле разурнати бедемите, одбранбените кули и зградите во склоп на тврдината, а неговата реконструкција била завршена со доградувањето на југозападниот бедем во септември 2010 година кога е и осветлена. (Д.Т.)

ИЗДВОЕНИ