Ќе го прифати ли Фон дер Лајен речникот на Кошта?!

Условот за проширување се базира на заслуги и земјите од регионот мора да работат на реформите, порача вчера претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, од Тирана, каде ја започна својата турнеја низ земјите од Западен Балкан. Фон дер Лајен утре попладне од Приштина ќе допатува во Скопје, кое ќе биде последна станица од нејзината турнеја. Во Скопје, таа ќе се сретне со претседателката Сиљановска-Давкова, со премиерот Мицкоски и со претседателот на Собранието, Гаши. Таа од земјава нема јавно да испрати пораки, средбите ќе бидат зад затворени врати, со оглед на тоа што Македонија е во предизборен период. Експертот за ЕУ-интеграции, Малинка Ристевска-Јорданова, во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека нема преголеми очекувања од посетата на Фон дер Лајен и дека, веројатно, таа ќе ја повтори потребата од уставни измени. Мал исчекор ќе биде, вели Ристевска-Јорданова, доколку спомене гаранции како што тоа го направи претседателот на Европскиот совет, Кошта во Софија

1319
ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА ЕК УТРЕ ВО СКОПЈЕ, МАКЕДОНИЈА ЈАСНА: ПРВО ГАРАНЦИИ, ПА УСТАВНИ ИЗМЕНИ

Со позитивни оценки за напредокот на Албанија кон ЕУ кој „воодушевува“, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера од Тирана ја започна својата турнеја низ земјите од Западен Балкан. Фон дер Лајен рече дека Албанија „постигна рекордно темпо со преговорите и дека таа е на вистинскиот пат кон Европската Унија“ и повтори дека „условот за проширување се базира на заслуги“ и дека земјите од регионот мора да работат на реформите.

– Задоволство ми е што ја започнувам мојата годишна турнеја низ Западен Балкан во Тирана. Албанија е на вистинскиот пат кон ЕУ, со рекордно темпо во последните три години. Поминавте долг пат, постигнавте напредок. Ја ценам работата што ја заврши албанската влада и ја поддржувам амбицијата на премиерот Еди Рама да ги затвори групните поглавја до крајот на 2027 година. Сите со право велиме дека условот за проширување се базира на заслуги, а заслугите на Албанија се очигледни. Тоа е нормален процес на отворање поглавја и работа на реформи со цел да стане дел од ЕУ, рече Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер, Еди Рама.

За разлика од нејзината прва дестинација, Албанија, претседателката на ЕК во земјава нема јавно да испрати пораки, средбите ќе бидат зад затворени врати, со оглед на тоа што Македонија е во предизборен период и во недела се гласа на локалните избори.

Фон дер Лајен утре попладне од Приштина ќе допатува во Скопје, кое ќе биде последна станица од нејзината турнеја низ Западниот Балкан. Како што информира Европската комисија, за време на престојот во Скопје, таа ќе се сретна со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, со премиерот Христијан Мицкоски и со претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Дел од познавачите велат дека посетата на Фон дер Лајен на Македонија, на неколку дена пред изборите, е чисто рутинска, но нејзиното присуство во Скопје може да се чита како тест на подготвеноста на ЕУ да биде активен гарант на проширувањето, но и како порака дека Македонија не е оставена сама на патот кон членство. Се очекува таа да ги пренесе добро познатите пораки за потребата од уставни измени, а единствен исчекор би било доколку Фон дер Лајен го прифати речникот на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и испрати конкретни сигнали за можно обезбедување европски гаранции, слично на оние што ги кажа Кошта, во текот на својата последна посета на Скопје.

Евентуални гаранции мал исчекор

Експертот за ЕУ-интеграции, Малинка Ристевска Јорданова, во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека меѓу барањата на високата гостинка ќе бидат и владеење на правото во земјава, како и спроведување на Реформската агенда.

 – Без преголеми очекувања сум од посетата на Фон дер Лајен. Веројатно ќе ја повтори потребата од уставни измени за да продолжи процесот. Би бил мал исчекор доколку спомене гаранции како што спомена претседателот на Европскиот совет, Кошта, во Софија. Меѓутоа, проблем е што тие гаранции не се дефинирани (или, пак, познати) од наша страна, а Бугарија си вгради гаранции за нејзините интереси во досегашните документи. Очекувам и дека ќе побара поголеми напори за владеење на правото, како и за спроведување на Реформската агенда. Веројатно, на позитивна страна, ќе ги нагласи партнерството во безбедноста и одбраната и нашата усогласеност со заедничката надворешна политика на ЕУ, изјави Ристевска-Јорданова за весникот ВЕЧЕР.

Во атмосфера на внатрешнополитичка кампања, посетата ќе биде внимателно следена не само од домашната јавност туку и од ЕУ-членките, каде што во моментов се водат интензивни дебати за реформата на процесот на проширување, вклучително и за иницијативата за укинување на едногласноста во одлучувањето за меѓуфази во преговорите. Се очекува дека Фон дер Лајен ќе ја искористи посетата за да ја потврди посветеноста на ЕУ кон земјава и да донесе политички капитал што би го олеснил процесот на уставни измени.

Истовремено, во Брисел се водат дебати за измена на принципот на едногласност во преговорите, што може да ја намали моќта на билатералните блокади. Во таков контекст, дел од познавачите за весникот ВЕЧЕР велат дека присуството на Фон дер Лајен во Скопје може да се чита како тест на подготвеноста на ЕУ да биде активен гарант на проширувањето, но и како порака дека Македонија не е оставена сама на патот кон членство.

Брисел ја потврдува важноста на Западен Балкан

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера од Тирана ја почна својата тридневна турнеја низ земјите од регионот на Западниот Балкан, во чии рамки в среда ќе допатува во Скопје.

На првиот ден од годишната петта по ред западнобалканска турнеја, на агендата на Фон дер Лајен за вчера во Тирана беа средби со албанскиот претседател Бајрам Бегај и премиерот Еди Рама, по што беше најавено обраќање на отворањето на Регионалниот инвестициски форум на ЕУ за Западниот Балкан.  Попладнето, според агендата, Фон дер Лајен требаше да отпатува за Тиват, на средби со црногорскиот претседател, Јаков Милановиќ, и премиерот Милојко Спајиќ, а денеска ќе учествува на Инвестициска конференција за паметна и зелена иднина.

Од Тиват, Фон дер Лајен денеска заминува за Сараево на средби со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина и со претседавачката на Советот на министри, Борјана Кришто, по што ќе го посети и Меморијалниот центар во Сребреница.

Фон дер Лајен од БиХ ќе отпатува за Белград, каде утре претпладне ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ и со премиерот Ѓуро Мацут, по што ќе замине за Приштина на средби со косовската претседателка Вјоса Османи и техничкиот премиер Албин Курти.

Европската комисија соопшти дека оваа турнеја ќе биде можност Фон дер Лајен да ја реафирмира поддршката на ЕУ за членство на земјите од регионот во Унијата и за нивниот постепен пристап до Единствениот европски пазар, како и да се разговара за спроведувањето на Планот за пораст на Западниот Балкан.

Оваа петта по ред годишна турнеја на Фон дер Лајен на Западен Балкан по оние од претходните четири години, како што наведува ЕК, ја потврдува важноста што регионот ја има за Европската Унија.

Поради нејзината посета на земјите од регионот, Комисијата го одложи објавувањето на годишните извештаи за напредокот кон ЕУ, кои обично се објавуваат во октомври. Начелно, извештаите ќе бидат објавени на почетокот од идниот месец, откако Фон дер Лајен ќе ги посети земјите од Западен Балкан, но ако се суди од досегашните изјави на европските лидери, оваа година земјите кандидати нема да се закитат со многу позитивни оцени.

Како претходник на претседателката на Европската комисија, во регионот беа австриската министерка за европски прашања, Клаудија Плаколм и државната секретарка за европски прашања на Словенија, Нева Грашич. Двете високи претставнички ја изразија својата целосна поддршка за дијалог меѓу Скопје и Софија, кој македонската Влада го најавува по Нова година, оценувајќи дека билатералните прашања не смеат да бидат пречка за заедничката европска иднина. Главната новина што ја пренесоа тие беше иницијативата од Словенија, Германија, Австрија и од Италија, да се употребува квалификувано мнозинство за техничките прашања во преговорите. (В. С. Н.)

ИЗДВОЕНИ