Проектот за вториот дел од жичницата на Средно Водно ќе почне да се реализира напролет. Директорот на СОЗР Ивица Томовски, за весникот ВЕЧЕР објасни дека состојбата со проектот сега е статус кво. “Документацијата во моментов е во Министерството за транспорт и треба да се земе од него за да се види од каде ќе се финансира проектот – објасни Томовски, најавувајќи дека од следниот месец се очекуваат поинтензивни активности, без да прецизира какви. Според градските власти, овој проект ќе се реализира преку Службата за општи и заеднички работи при Владата и Министерството за транспорт. “Овој проект ќе стане реалност. Тој е предвиден во програмата на скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, но засилени активности се очекуваат напролет, велат од Град Скопје
Проектот за вториот дел од жичницата на Средно Водно ќе почне да се реализира напролет. Директорот на Службата за општи и заеднички работи при Владата, Ивица Томовски, објасни за весникот ВЕЧЕР дека состојбата со проектот сега е статус кво.
– Документацијата во моментов е во Министерството за транспорт и треба да се земе од него за да се види од каде ќе се финансира проектот – објасни Томовски, најавувајќи дека од следниот месец се очекуваат поинтензивни активности, без да прецизира какви.
Според градските власти, овој проект ќе се реализира преку Службата за општи и заеднички работи при Владата и Министерството за транспорт.
– Овој проект ќе стане реалност. Тој е предвиден во програмата на скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, но засилени активности се очекуваат напролет – велат од Град Скопје.
Уште пред една година, Томовски најави дека ќе се гради втората фаза на жичницата – од Капиштец до Средно Водно за да може да се стигне на планината без возила.
Вториот дел од жичницата треба да биде од црквата „Свети Јован“ во Капиштец до Средно Водно и на тој начин, според него, градот ќе се поврзе со врвот и со Средно Водно.
Томовски тогаш потенцираше дека имаат идеја да се направи подземен паркинг спроти „Нова Македонија“ и дека со тоа да се добијат паркинг, зеленило и трансфер со минибус.
Идејата е, како што истакна Томовски, со јавно приватно партнерство или како држава да се направи подземен паркинг кај паркингот на Цветниот пазар, а постојниот паркинг да стане зеленило. Воедно, ќе обезбедат еден или два минибуса што ќе трансферираат од „Нова Македонија“ до почетокот на жичницата кај црквата „Св.ети Јован“ и секој оној што ќе има намера да оди со жичницата, ќе може да се паркира на подземниот паркинг, кој би чинел 30 денари наместо 100 денари, да се качи на жичницата и на Средно Водно да има уште еден минибус што би гравитирал: Средно Водно, „Македонско село“, Пантелејмон, со што би заживеале и манастирот и комплексот „Македонско село“.
Жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст беше изградена во време на претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ и беше пуштена во употреба на 3 јуни 2011 година. Жичницата ја градеше австриската фирма „Допелмаер“ и чинеше 6,7 милиони евра. Има 28 кабини со носивост од 640 килограми и капацитет за осум лица, како и две ВИП- кабини за по четири лица. Гондолите од надворешната страна се опремени со држачи за велосипеди.
По изградбата на првата фаза, беше најавено дека ќе се гради и втората фаза. Според тогашниот проект на Министерството за транспорт и врски, се предвидуваше првата станица на жичницата да биде кај црквата „Свети Јован“ во Капиштец, оттаму да застане кај детската болница „Козле“ и потоа да продолжи кон Средно Водно и Милениумскиот крст.
За овој проект имаше критики од стручната јавност дека е несоодветно да поминува жичницата над болницата каде што се лекуваат деца осо белодробни заболувања. Проблем беше и тоа што во Капиштец, за каде што е предвидена почетната станица, нема место за паркинг-простор.
Во 2015 година, тогашниот премиер, Никола Груевски, кажа дека Владата ќе одвои 8 милиони евра за втората фаза на жичницата, но тој проект не се реализираше. По доаѓањето на СДСМ на власт во 2017 година, овој проект не се спомена, односно не беше меѓу проектите на Владата.
(А. П.)












