Ќе ги поефтинат ли банките услугите и за граѓаните и за компаниите?

19

Советот на Народната банка донесе одлука за воведување нов модел на надоместоци што ги плаќаат банките за услугите на Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС). Со оваа промена, како што рече гувернерот Трајко Славевски, се воспоставува поедноставна и поконкурентна структура на тарифите, што ќе овозможи пониски трошоци за електронските плаќања и ќе придонесе за поевтини услуги кон граѓаните и кон компаниите.

Одлуката стапува на сила на 1 август, по што се очекува дека банките ќе покажат разбирање за јавниот интерес и за придобивките за економијата во целина од едноставните, лесно достапни и евтини платежни услуги во државата.

– Новото решение е резултат на детални анализи и на отворен дијалог со банкарскиот сектор, заради приспособување кон современите пазарни услови и кон европските практики. Воспоставениот модел ги поедноставува и ги намалува трошоците на банките за порамнување на трансакциите кај НБ, што создава простор за намалување и за поедноставување на надоместоците што банките ги наплаќаат од граѓаните – истакна Славески.

Тој соопшти и дека Советот на Народната банка вовел тарифа за плаќањата на државните органи во евра со земјите од СЕПА, во фиксен износ од 3 евра по трансакција за електронски иницираните налози и 5 евра за налозите иницирани на хартија.

Според гувернерот, наместо просечните 14 евра за трансакција преку коресподентното банкарство, со новиот тарифник се воведува фиксен надоместок од три евра за електронските плаќања и од пет евра за хартиените.

Ниските и фиксни надоместоци за трансакција, во споредба со варијабилните надоместоци во зависност од износот на трансакцијата што ги налагаат сложените кореспондентски аранжмани со странските банки, треба да доведат до значителна заштеда за државата при извршување на плаќањата на државните органи со европските земји. Одлуката е донесена во контекст на приклучувањето на нашата земја кон СЕПА и фазата на усогласување со европските стандарди, која е во тек и со која се создава основа за пошироко намалување на трошоците за прекуграничните плаќања во евра, како од страна на Народната банка за државните органи така и од страна на банките за своите клиенти.

 

ИЗДВОЕНИ