Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) објави Јавен повик за кофинансирање на обуки на кандидати за стекнување дозволи од областа на летачките операции за 2025 година. Ќе финансира до 50 проценти од цената на чинење за обуките на 27 кандидати за пилоти за да се надмине сериозниот недостаток на воздухопловен персонал.
Директорот на АЦВ, Драги Стојаноски, вели дека финансирањето ќе опфати обуки на седум кандидати за стекнување дозвола за пилот на авион, на тројца кандидати за стекнување дозвола за пилот на едрилица, на пет кандидати за стекнување дозвола за пилот на ултралесни авиони, на 10 кандидати за стекнување на дозвола за пилот на параглајдер и на кандидати за стекнување на дозвола за падобранец.
– Со ова се потрудивме да опфатиме поширок спектар на воздухопловен персонал, дел – обуки кои се основа за понатамошен професионален развој и градење на професионална пилотска кариера и дел на обуки од областа на воздухопловно спортски активности како стимул за досегашните високи резултати постигнати од поединци, тимови и репрезентацијата на европски и светски натпревари – изјави Стојаноски и напоменува дека 27 кандидати за воздухопловен персонал во исто време на обука во Република Македонија немало во последниве 25 до 30 години.