Обвинителот го опиша сопственикот на „Пулс“ како негативен лик на Достоевски |
Пандорче АНТЕСКА
фото: Перо Стојановски, Ѕвонко Плавевски
Во преполна судница и со многу очекувања, почна судењето за големата трагедија во Кочани. Родителите на загинатите деца кои маршираат по кочанските улици за правдата која треба да ја испорача судот, уште рано се организирале и дошле во судницата кај затворот Идризово. На влажниот пат, кон судницата, од дождот што утрото паѓаше, можеше да се забележи транспарент од платно со пораката „ Ве гледаме“. Многу полиција и атмосфера за почит беше сликата што ја видоа медиумските екипи пред да влезат во судницата. Кај таткото на починатиот програмер Андреј Стојанов се чувствуваше заморот од барањето одговорност за неговото дете кое е едно од 63 починати во пожарот во дискотеката „Пулс“.
-На самиот старт на судењето наидуваме на скептицизам, разработената шема на адвокати и обвинети кои манипулираат на разни можни начини, нашата болка уште да ја продлабочат. Ние сме направени како фигури, нашите деца ги нема. Како минува времето не ставаат на страната на заборавот, се чувствуваме изморени и омаловажени, а уште на самиот старт на судското рочиште гледаме познати адвокати, ги гледаме како бранители на обвинетите, дејствуваат со разработени шеми и математики и нас оштетените како што не викаат сакаат да не уништат, рече родителот и влезе во судницата пред да започне судењето закажано за 9.30. Тој заедно со големата група на родители на загинатите и повредените седнаа во засебен дел физички одделен од просотор каде седнаа обвинетите со стаклени врати.

Во првите редови на обвинителната клупа седна првообвинетиот сопственик на „Пулс“, го донесоа од затворот во Куманово, а беше спроведен од задната врата на објектот, стуткан со главата во земја ниту еднаш не се заврте да ги погледне своите сограѓани, чии деца загинаа во неговата дискотека. На нозе стоеја семејствата кога обвинетите седнуваа на местата, меѓу нив тројцата татковци на градот, поранешните министри за економија Крешник Бектеши и Ваљон Сараќини, екс директорот на ДЗС, Шабан Салиу, обезбедувањето на „Пулс“, општински инспектори, тие од пазарната инспекција.
Судењето го следела странски медиуми и преставници на американската амбасада и Европската Унија. Со доцнење од околу 20 минути судијаката Диана Грувска го удри судискиот чекан во знак на старт на првото судење.
“Знам дека барем името ми го знаете, тоа се врти со месеци”, почна судијката и ги кажа правилата на судењето.„ Ќе имаме респект кон тагата и болката на роднините на жртвите, сите ќе имаат право да си ја кажат својата верзија на случајот и да предложат докази. Ќе бидеме транспарентни, вети Груевска.
„Не можам да ветам брзина, никој не знае колку ќе трае судењето, апелирам на трпение и дисциплина. Ќе дојдеме до правдата, вети таа пред околу 200 присутни во судницата.

Од десната страна на судечкиот совет беа седната десет обвинители облечени во препознатливите црвени тоги, лево од судијата седеа 35 обвинети и уште толку адвокати, нивната прозивка траеше околу еден час. Само обвинетиот поранешен градоначалник на Кочани Николче Илиев има ангажирано пет адвокати. Судот откако ги прочита загинатите и повредените, одлучи кон обвинението да го приклучи и тоа за обвинетиот сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“. Сите адвокати се споривставија на прочистената листа на докази која ја достави обвинителот Борче Јанев и побараа одложување на судењето. Судијаката Груевска го одби барањето, и судењето продолжи со воведниот збор на кочанскиот обвинител Јанев.
Со многу емоции редејќи ги изигрувањата на системот и опишувајќи го криминалниот профил на сопственикот на диското, кочанскиот обвинител Јанев во половина час ја прочита вистината која доведе до пеколот.
„Стегите кои ги потресоа сите и го обиколија светот, се само завршен збор на едно многу присутно и одгаено зло, кое излезе на виделина таа вечер во Кочани. Со објектот изгоре и вербата дека одговорните во системот се тука да заштитат, изгорте иднината на невини млади луѓе кои сакале само забава таа фатална вечер, нивните животи згаснаа, а душите и телата на повредените настрадаа, и сето тоа од вителот на институционалната одговорност, почна обвинителот. Меѓу оние кои ги слушаа зборовите што допираа беа и дел од повредените на чии раце се гледаа раните од пламените јазици, деформираните прсти и потешкотиите да ги користат.
-На вистината ќе и погледнеме во очи колку и да е мачна и тешка и болна. Кој дозволи работа на објект без лиценца, кој дозволи влез без излез, кој знаеше и имаше должност да проценува ризици, а броеше профит, кој одбра и потпиша молк наместо затворање на објектот, кој не ја согледа смртоносната опасност, продолжи обвинителот кој на моменти изморен од емоциите што го надвладуваа ја бришеше потта од челото.

-Клубот бил отсекогаш смртоносна стапица, буре барут ,затоа искрите без пречка уништиле многу човечки животи. Патото кон пропаста не бил заслепен од светлината на пиротехниката, никулците на оваа пропаст биле оддамна изникнати и сите предуслови оддамна исполнети. Опасноста која демнела со години никој од овие обвинети не сакал да ја согледа, а биле должни да ја видат и спречат, кажа обвинителот и почна да го црта вистинското лице на обвинетиот сопственик на “Пулс“
-Шокантни и запрепастувачки се доказите од кои ќе дознаеме за што се бил спремен овој човек само за профит. Бидете убедени дека ќе ве потсетат на негативни ликови од книгите на Достоевски, антипод на човековите вредности. Тој ни покажа каков систем сме имале, ги исцрта пропустите на лицата одговорни за заштита. Инспекторите требало да го затворат диското пред да погребуваме, но овој човек како на слалом ги заобиколувал сите институционални препреки, се што ќе посакал тоа и го добивал, документите кои ги немал не ги ни обезбедувал бидејќи никој не му ги ни барал, кажа обвинителот.

Должноста молчела со што последицата станала прашање на време. Лиценцата за работа требало да биде круна на темелна проверка , а доказите покажуваат дека никоја од нив не смеело да биде издадена. Станува збор за мимикрија на постапување, институционален декор, и сето тоа ќе го докажеме, кажа обвинителот и сите во судницата внимателно го слушаа. Редејќи ги сите институции кои му го дозволиле почетокот на амбисот, обвинителот рече дека во токму тој цикличен круг на непостапување го охрабрило Јованов да гради без да праша. Од 2012 немало инспектор за заштита и спасување, а единсвениот излез бил смртоносна стапица која одсекогаш постоела.
-Бараме одговорност по име и презиме, правда не заради утеха ,туку како последица на незаконитост, заврши обвинителот по што семејствата на загинатите и повредените во пожарот силно му ракоплескаа за кажаниот збор.
Судењето за кочанската трагедија продолжува во вторник кога обвинетите треба да се изјаснат дали се чувствуваат виновни за делата за кои се обвинети.












