На крајот од годинава ќе се знае дали и колку ќе се зголеми минималецот. Одлуката ќе се донесе на седница на Економско-социјалниот совет, која е закажана за 22 декември. Сојузот на синдикати на Македонија бара зголемување од најмалку 100 евра, односно тие бараат минималната плата од сегашните 24.400 денари да се зголеми на 30.000 денари. Работодавачите, пак, генерално, се за 500 евра минимална плата, но сметаат дека треба да се води сметка за самостојните вршители на дејност, микрокомпаниите и за малите претпријатија, кои не можат да ги исполнат условите на национално утврдената минимална плата. Сепак, последниот збор ќе го има Владата, која вели дека ќе го прифати она што ќе го договорат синдикатите и работодавачите. Но, генерално, постои расположение и од страна на Владата и од страна на работодавачите за зголемување на минималецот.
Ако нема договор, минималецот, согласно со Законот за минимална плата во март, би се зголемил за околу 1.600 денари. Оваа сума не е прифатлива за Синдикатот, затоа што трошоците за живот се сè повисоки и работниците едвај врзуваат крај со крај.
– На состанокот со Синдикатите договоривме дека мораме да преговараме. Мора да развиеме колективно преговарање на секторско ниво затоа што минималната плата е инструмент кој гарантира повисок стандард на работниците, но не ја отсликува потрошувачката економија, а уште помалку исполнителноста на задачите на работниците. Во својот сектор секој мора да знае колку работи, тоа не може да биде паушално кажано за сите. Нам ни е многу битен образот, битна ни е конкурентноста, и затоа мораме да се договараме со синдикатите и со Владата какви пораки ќе испратиме за привлекување на странски директни инвестиции и за квалитетот на животот на работниците во Македонија, изјави претседателот на Бизнис-конфедерација на Македонија, Миле Бошков.
Тој вели дека работодавачите, генерално, се за 500 евра минимална плата со одредени исклучоци. Исклучоците се однесуваат на самостојните вршители на дејност, микрокомпаниите и малите компании, кои сами за себе обезбедуваат работа и плата и кои не можат да ги исполнат условите на национално утврдената минимална плата.
– За да можеме да го подигнеме нивото, ние како организација на работодавачи соработуваме и со занаетчиите кои се наши партнери. Ние точно знаеме дека самостојните вршители на дејност во Гостивар, Виница, Тетово, Струмица… го немаат истото ниво на обем на работа како во Скопје. Не е можно да ги застапуваме интересите само на скопските бизниси, туку на цела Македонија, појасни Бошков.
Според него, секој треба да биде задоволен од својата работа и од својата професија и да се труди да биде продуктивен, зашто плата и пари секогаш недостасуваат.
– Поголем дел од самостојните вршители на дејност се приматели на минимална плата. Вообичаено, македонскиот работник добива плата меѓу минимална и просечна плата за што нема протести и штрајкови, за разлика од минималецот. Секогаш има можност да се подобрат состојбите и секогаш се преговара, во одредени компании тоа е многу често. Генералната слика дека може да се зголемат платите стои, но исто така е точно и дека има многу незадоволни работници, додава Бошков.
Од Сојузот на синдикати на Македонија, за весникот ВЕЧЕР велат дека постои расположение за зголемување на минималецот и оти работите се движат во позитивна насока.
– Во државата има многу микрокомппании и мали компании кои се многу гласни во однос на тоа да нема зголемување на минималецот, зашто не можат да го издржат тој финансиски товар и зашто ќе мора да ги затворат фирмите. Но, досегашните анализи и статистичките податоци покажаа дека сите компании остваруваат добивки и дека зголемувањето на минималецот нема да биде голем трошок за нив, изјавија од ССМ.
Останува да видиме дали ќе има договор за зголемување на минималецот на 500 евра. Во меѓувреме, додека да го добијат повисокиот минималец, работниците ќе го трошат регресот за годишен одмор, кој годинава изнесува нешто преку 18.000 денари во приватниот сектор, а за административците е околу 12.000 денари.
(А. С.)












