Ќе добие ли Македонија црвени линии кои нема да се газат?!

Уставните измени за внес на Бугарите во Преамбулата да бидат изгласани до 10 февруари идната година, а веднаш потоа Владата да испрати писмо до државите членки на ЕУ и до Европската комисија дека е исполнета нашата обврска и да побара од ЕК најдоцна до 15 истиот месец земјава да го отвори првиот кластер, Темелни вредности, стои во временската рамка во склоп на предлог-резолуцијата за црвените линии во евроинтеграциите што денеска ја презентираше лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Во документот стои и дека јазикот, идентитетот, историјата и културните особености се црвените линии и за нив не се преговара со Европската Унија. Филипче очекува сите политички чинители да покажат политичка зрелост, да дадат свои забелешки и овој документ да не се злоупотребува во предизборниот период

682

Со временска рамка за спроведување на предложената резолуција за црвените линии на Македонија во однос на евроинтеграциите, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска го презентираше долгонајавуваниот документ. Во нацрт-верзијата на СДСМ се бара Владата и сите институции доследно да се придржуваат кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културни особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со ЕУ и се потврдува дека земјава е подготвена да ги исполни обврските од Преговарачката рамка со ЕУ, вклучувајќи ги и уставните измени со јасна определба дека е тоа последната пречка, без прифаќање на нови барања или прашања од билатерален и идентитетски карактер. Документот, како работна верзија, најпрво ќе биде доставен до сите политички партии, а потоа лидерот на СДСМ очекува во Собранието да се излезе со заеднички документ. Филипче нагласува дека целта на резолуцијата е постигнување национален консензус и јасно дефинирање на црвените линии кои не смеат да се преминат во преговорите со ЕУ. Тој очекува сите политички чинители да покажат политичка зрелост, да дадат свои забелешки и овој документ да не се злоупотребува во предизборниот период и веднаш по локалните избори заеднички да се изгласа во Собранието.

– Јазикот, идентитетот, историјата и културните особености се нашите црвени линии. За нив не се преговара со Европската Унија. Ова се нашите црвени линии и сметам дека треба да бидат црвени линии на целата нација. Многу од овие одредници се заштитени со претходни декларации, документи и меѓународни договори. Тоа што нудиме сега е заеднички пристап како и секоја друга сериозна држава, да имаме заеднички црвени линии. Поради тоа што ако го постигнеме националниот консензус и ако интензивно работиме на реформите притоа државата расте, се надградува и зајакнува, никој, никогаш и ништо нема да може да нè запре на патот кон Европската Унија. Ова е предлог-решение за постигнување на сите заеднички национални и стратешки цели со консензус со оглед на високото мнозинство граѓаните за членство на државата во ЕУ. Очекувам сите да бидат конструктивни и да не се злоупотребува за политички цели во предизборни кампањи. Сметам дека е крајно неодговорно да не се прави ништо на ова поле. Ако ние постигнеме национален консензус, никој нема да може да се бори со нас и да не запре, рече Филипче.

Тој додаде дека доколку во преговорите за членство се отвораат или се наметнуваат прашања што го доведуваат во прашање македонскиот јазик или идентитет, државниот врв има обврска со заедничко писмо да ја информира ЕУ дека тие теми се неприфатливи и не се предмет на преговори. Во предлог-резолуцијата го нема делот што Филипче го најави пред неколку недели и кој најмногу го привлече вниманието на јавноста, а тоа е дека ако земјава се соочи со ново вето, да ги прекине преговорите со Европската Унија.

– Мислам дека ова е подобра формулација, рече лидерот на СДСМ.

Во својот говор, тој нагласи дека документот ќе биде поднесен до политичките партии како работна верзија, со цел сите да имаат можност да го разгледаат и да дадат свои предлози и сугестии.

–  Ова ќе биде еден предлог-документ, една предлог-работна верзија, за која очекувам сите политички чинители прво да имаат конструктивен пристап, сериозно да го разгледаат овој документ, да дадат свои предлози и заеднички да го донесеме документот во Собранието, рече Филипче и посочи дека оваа резолуција се разликува од сите претходни по својата конструктивност и по својата транспарентност.

Согласно со временската рамка, Владата треба до 25 ноември да го разгледа и да каже дали останува на истиот или предлага нов текст на уставните амандмани и доколку предлага нов текст, тој да биде усвоен од Владата и доставен до Собранието до 1 декември 2025 година. Потоа Собранието да ја започне постапката за измена на Уставот и да се достигне до фазата на прво гласање најдоцна до 15 декември 2025 година, а целата процедура за промена на Уставот да се заврши до 10 февруари идната година. Веднаш по внесот на Бугарите во Уставот, Владата да испрати писмо до државите членки на ЕУ и до Европската комисија дека е исполнета нашата обврска за одблокирање на преговарачкиот процес и да ја повика Европската комисија, „согласно со Заклучоците на Советот на ЕУ донесени на 18 јули 2022 година, да организира Меѓувладина конференција помеѓу државите членки на ЕУ и Северна Македонија, на која ќе се донесат сите потребни одлуки за одблокирање на преговорите за членство и ќе биде отворен првиот кластер – Темелни вредности не подоцна од 15 февруари 2026 година“.

Во резолуцијата се вметнати и претходни документи, од резолуцијата од 1993 година за надворешно-политички приоритети, преку кандидатскиот статус од 2005 година и договорите од 2017 и 2018, до Резолуцијата од 2021 година.

Премиерот Христијан Мицкоски досега во неколку наврати порача дека едвај чека да го види документот, па потоа да коментира за него, но посочи и дека СДСМ во минатото не ги почитувал усвоените декларации. Мицкоски е дециден дека приоритет на Владата се европските интеграции, но дека тој пат не смее да биде срамен, туку достоинствен.

Филипче, пак, денеска рече дека според изјавите на премиерот, и тој нема проблем со промена на Уставот, но стравува од нови барања и затоа бара гаранции, а ова е документ кој кажува дека ние нема да прифатиме никакво друго условување.

– Верувам дека премиерот е искрен кога вика да го видиме документот и ќе дадеме свои сугестии. Еве предлог за првиот чекор, рече Филипче.

Минатата недела, на брифинг со новинарите, и премиерот Мицкоски рече дека очекува на почетокот на следната година да се придвижат работите во делот на гаранциите дека уставните измени ќе бидат последното барање на нашиот пат кон целосно членство во Европската Унија. Тој рече дека разговарал со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, откако Кошта во Софија порача дека е крајно време Македонија да добие некакви гаранции дека нема да има нови барања за продолжување на европскиот пат. И во разговорите со македонскиот премиер, претседателот на Европскиот совет се согласил дека уставните измени треба да бидат последното барање на нашиот европски пат и да се добијат некакви гаранции за тоа.

– Сепак, за да се реализира тоа, треба да има и притисок од некоја од посилна страна. Очекувам придвижување на почетокот на идната година по завршувањето на божиќните и новогодишните празници во делот на давањето гаранција дека уставните измени ќе бидат последното барање од Бугарија, рече Мицкоски на брифингот.

Во меѓувреме, и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, на почетокот од овој месец порача дека „штом Владата го промени Уставот“, ќе може да продолжи нејзиниот пристапен процес. Филипче вчера рече дека нема никаква координација на релација власт – опозиција – Брисел, туку дека ова е нивни автентичен предлог, меѓутоа нагласи дека ги слушале сигналите од ЕУ. (В. С. Н.)

 

ИЗДВОЕНИ