Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и официјално го назначи Гоце Седлоски за нов селектор на сениорскиот национален тим. Членовите на највисокото тело на ФФМ ја донесоа оваа одлука по предлог на Комисијата за избор на селектор, составена од претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, Горан Пандев (директор на Национални репрезентации), Николче Новески (раководител на Скаутинг службата на ФФМ), Агим Ибраими (член на Управниот одбор на ФФМ) и Марјан Стојковски (потпретседател на ФФМ).

Инаку, Седлоски седнува на клупата на Македонија по прекинот на соработката со Благоја Милески, кој не ја доби довербата од ФФМ по истекот на договорот. Сега, Седлоски има можност да го поправи впечатокот на репрезентацијата која во последно време изгледаше очајно, а за тоа најдобро говори високиот пораз од Велс (7:1) на последниот квалификациски натпревар за пласман на Мундијалот. Пред новиот селектор е тешка задача бидејќи во баражот на 26. март Македонија игра против Данска во Копенхаген, а доколку успееме да дојдеме до изненадување, ќе ѝ гостуваме на Чешка или на Ирска, пет дена подоцна.

–За мене ова е голема чест, но и голема одговорност, веројатно најголемата во мојата кариера. Нашата цел ќе биде да изградиме јасен систем на игра, дисциплина, карактер. Ќе барам максимален ангажман, храброст и желба на секој натпревар. Тим што ќе се бори до последната минута. Убеден сум дека ФФМ ќе ни обезбеди најдобри услови за работа. За репрезентацијата мора да се дава и повеќе од максимум, повеќе отколку во клубовите. Ги познавам сите играчи што беа во репрезентацијата. Ќе има и освежувања. Секој што заслужува да го носи репрезентативниот дрес, ќе биде повикан. Со Данска ќе барам секој да даде над просекот и со дисциплинирана игра да ја оствариме целта. Ќе биде тежок натпревар на гостински терен, но како за нас, така и за нив, ги кажа своите први впечатоци Седлоски.

Инаку, претседателот Омерагиќ напомена дека Седлоски до јуни ќе работи про боно, бидејќи дотогаш репрезентативни обврски има само во март.

–Не сакаме да му наштетиме на ниту еден клуб, како што претходно направивме и со У21 селекторот. Седлоски ќе ја заврши сезоната во својот клуб, истакна Омерагиќ.

Седлоски е едно од најпрепознатливите имиња во историјата на македонскиот фудбал. Како фудбалер, поранешниот репрезентативен капитен оствари 100 настапи и постигна осум голови за националниот тим, со што останува првиот македонски фудбалер кој запишал 100 настапи за репрезентацијата. Седлоски има и претходно искуство во стручниот штаб на националниот тим. Во август 2012 година ја водеше македонската репрезентација како в. д. селектор на пријателскиот натпревар против Литванија во Скопје (1:0).

Во својата тренерска кариера, Гоце Седлоски работеше како асистент и в. д. селектор на Македонија, а на клупско ниво ги предводеше Хоризонт Турново, Вардар, Рига (Летонија), Широки Бријег (Босна и Херцеговина), вториот тим на Динамо Загреб (Хрватска), Шкупи, Влазниа (Албанија) и Работнички.

Во досегашната тренерска кариера, Седлоски освои три шампионски титули, со ФК Вардар во сезоните 2015/16 и 2016/17, со ФК Шкупи во сезоната 2021/22, како и Куп титула со ФК Вардар во сезоната 2024/25.

Како фудбалер, имаше богата кариера настапувајќи за повеќе клубови во Македонија и странство, како Хајдук и Динамо Загреб во Хрватска, Шефилд Венздеј во Англија, Дијарбакирспор во Турција…

Омерагиќ: Ако некој не верува дека можеме да ја елиминираме Данска, не треба ни да се качи на авионот за Копенхаген!

Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, исто како и новиот селектор Седлоски, верува дека можеме да ја елиминираме Данска во мундијскиот бараж.

–Ако не верувавме во нашиот избор, немаше ни да го правиме. Апсолутно веруваме дека можеме да ја елиминираме Данска. Ако некој не верува во такво нешто, не треба ни да се качува на авионот за Копенхаген. Како што сите останати веруваат во себе, така и ние мора да почнеме максимално да веруваме во самите себе, истакна Омерагиќ.

 

ИЗДВОЕНИ