Македонските текстилни конфекции се соочуваат со недостиг на порачки од традиционалните германски партнери. Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи вели дека порачките, односно налозите, се драстично намалени. Посочува дека македонските конфекции работат со помали налози, во кои има по стотина парчиња. Тоа се нарачки што, поради малиот обем, конфекциите од Бангладеш не ги прифаќаат. Немањето работна сила и големите трошоци на домашниот пазар се причини поради кои текстилната индустрија станува неконкурентна.
– Цените на нашите услуги, за она што го работиме надвор, не растат како што нагло порасна и минималната плата, која е 58 % од просечната. Тоа голем дел од конфекциите ги направи нерентабилни. Она што сега го работиме се ситни налози – изјави Димитров.
Тој додава дека од некогашните 65.000, во моментот во текстилниот сектор работат околу 25.000 работници. Неговите проценки се дека во наредниот период може да се намали бројот на вработени за уште 5.000. Според него, бројот на вработени во овој сектор се намалува не само поради тоа што нема работа туку и поради фактот што младите не сакаат да работат во текстилните конфекции. Прашан како да се надмине проблемот, тој одговара дека очекува да почне со работа Економско-социјалниот совет. На првата седница на Економско-социјалниот совет ќе побараат и ќе се борат за подобрување на Законот за работно ангажирање, со што, како што вели, пензионерите нема да имаат годишно ограничување од максимум 180 работни дена.
– Ние предлагаме за пензионерите, кога ќе работат, да нема годишно ограничување. Ако сака да работи, пензионерот може да работи 4 или 8 часа, и тоа е во ред. Но, зошто да му се ограничува времето? Зошто да му се ограничи работата на 3 месеци, а сака и понатаму да работи? Со тоа ќе го тераме да работи во сивата економија, на црно. Како и сега што работат сите пензионери на црно – рече Димитров од Организацијата на работодавачи.
Во 2024 година, извозот на текстилната и на кожарската индустрија изнесувал 518,5 милиони долари, и е 6,15 % од вкупниот извоз на државата. Има голема застапеност, со околу 93 %, на лон-производството, а само 7 % отпаѓаат на класичното производство.