На 78. седница, Владата ја разгледа информацијата во врска со барањето на концесионерот „Хидро Дошница“ ДОО Скопје за продолжување на рокот за изградба и за започнување со комерцијална работа на малите хидроелектрични централи МХЕЦ „Баров Дол“, МХЕЦ „Папрад“, со текст на анекс бр. 1 на договорот. Притоа, Владата го овласти министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, да склучи анекс бр.1 на договорот за концесија за користење вода за производство на електрична енергија од малите хидроцентрали МХЕЦ „Баров Дол“ и МХЕЦ „Папрад“, за продолжување на рокот за изградба и почеток на комерцијалното работење до 6.4.2026 година.

Во реакцијата на оваа одлука, од „Екосвест“ укажуваат дека со изградбата и работењето на малите хидроцентрали ќе ѝ се нанесат сериозни штети на природата.

– Локациите на двете хидроцентрали се на реката Дошница, чиј горен тек е во Општина Кавадарци, а долниот тек е во Општина Демир Капија. Работењето на малите хидроцентрали, согласно со тековниот Закон за води, пропишува испуштање на 10 % биолошки минимум во реката низводно. Напоменуваме дека реката Дошница веќе има дефицит од вода поради постојниот хидросистем изграден во минатото. Нашиот закон не ја транспонира Рамковната директива за води, која пропишува испуштање на т.н. еколошки проток, кој обезбедува добра еколошка состојба на водното тело. Биолошкиот минимум од 10 % значително ќе го намали водостојот на реката Дошница и ќе резултира со деградирање на нејзиниот еколошки статус – вели Ана Чоловиќ-Лешоска, извршна директорка на „Екосвест“.

МЖСПП во своите приоритетни цели го постави прогласувањето на заштитено подрачје на територијата на Општина Демир Капија, во чии рамки се наоѓа целото сливно подрачје на долниот тек на реката Дошница.

– Неспорно е дека изградбата и работата на малите хидроцентрали на горниот тек на реката Дошница со биолошки минимум и со несоодветни стандарди за изградба на рибни патеки, ќе влијаат негативно на екосистемот и ќе причинат сериозни штети врз идното заштитено подрачје. Дополнително, во процесот на истражување и изработка на студија за валоризација на заштитено подрачје, не е препорачливо да се вршат градежни зафати и инфраструктурни проекти, кои директно ќе влијаат на наодите во студијата, како и врз идното заштитено подрачје во целост – потенцира Чоловиќ-Лешоска.

Од „Екосвест“ бараат МЖСПП да ја ажурира еколошката дозвола на инвеститорот со цел вградување на новите аспекти во дозволата.

– Имајќи предвид дека се изработени елаборатите пред 2019 година, од кога се поминати шест години, укажуваме дека поради новата состојба и новите достапни податоци, потребно е нивно ажурирање или изработка на нови,  од страна на концесионерот. Напоменуваме дека и во случаите кога се изработува за проектите оцена на влијание врз животната средина, нејзината важност е до две години. Поради важноста на заштитата на реката Дошница, како главна артерија на идното заштитено подрачје, бараме министерот да постапи согласно со наведените аспекти – нагласува Чоловиќ-Лешоска.

ИЗДВОЕНИ