Казните за нефер трговски практики ќе се зголемат и ќе бидат над 20 илјади евра

10

Има предлог, кој со сигурност ќе го прифатиме, за повеќекратно да се зголемат казните од сегашните 20.000 евра, за непочитувањето на Законот за нефер трговски практики, најави заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

– Еден од предлозите, кој сигурно ќе го прифатиме за поголемо почитување на Законот за нефер трговски практики, е зголемување на казнената политика. Предлогот е повеќекратно да се зголеми сегашната казна од 20.000 евра, што и не е многу со оглед што станува збор за големи супермаркети и трговски компании во земјава. Инаку, ги охрабрувам компаниите од регионот, особено за производство на храна, да пријавуваат законски прекршувања до КЗК – изјави Ристески.

Тој рече дека се фокусирани на инспекциските контроли за спречување на сивата економија, заштита на животниот стандард и за стабилизирање и намалување на инфлацијата.

– Комисијата за заштита на конкуренцијата и Државниот пазарен инспекторат постојано се на терен по пријави, јавувања, но и по нивно видување, зашто имаат годишна програма за работа. Секаде каде што ќе бидат констатирани законски прекршувања, правните субјекти ќе бидат казнети. Мислам дека сме на добар пат да го направиме тоа. Гледам дека веќе се стабилизира инфлацијата, почнува и благо и да се намалува, особено во поглед на основните прехранбени производи. Иако не е доволно тоа и сметаме дека во наредниот период, со една таква добра политика, ќе успееме повеќе да го  заштитиме животниот стандард на граѓаните и инфлацијата да биде на едно стабилно, би рекол, европско ниво. Се фокусираме на инспекциските контроли и на транспарентното објавување на цените – вели Ристески.

Од ноември лани до септември годинава, Државниот пазарен инспекторат има направено 18.000 инспекциски надзори на ниво на Македонија и се изречени казни во вредност од околу 120 милиони денари.

 

 

ИЗДВОЕНИ