Од утре до крајот на август е забрането движење во шумите, а за непочитување на оваа мерка согласно член 106 од Законот за шумите секој кој ќе биде затекнат да се движи во шума и шумско земјиште, ќе биде казнет со глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противредност.
– Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја известува јавноста дека согласно насоките од Владата како и барањата од корисниците на шумите ЈП „Национални шуми“ и Националните паркови кои управуваат со заштитените подрачја, даде согласност за воведување на целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште. Согласност се издава согласно членот 57, став 3, од Законот за шумите, поради зголемена опасност и превенирање од појава на шумски пожари на отворен простор. Целосната забрана за движење во шумите започнува од 01.07.2025 година и ќе трае се до 31.08.2025 година. Движењето во шумите ќе биде дозволено единствено со писмено одобрување издадено од страна на подружниците на ЈП „Национални шуми“ и Националните паркови, соодветно за подрачјето со кои управуваат – соопштија од МЗШВ.